Иако на разни документарни емисии постојано можеме да ги видиме новите достигнувања во воената технологија кај САД, В. Британија и Франција, руската армија од друга страна е многу поезотерична и ги развива своите капацитети со многу помала помпа. Претходно веќе пишувавме за идејата да направат супервојник со помош на егзоскелети контролирани со ум, а овој пат имаме нова воена „опрема“ која е на патот да замени една цела плејада на специфични воени уреди.
Се работи за Курганец-25, модуларно возило кое тежи 25 тона и кое е способно да патува по земја и по вода. Возилото е оклопник и се наоѓа во некоја категорија меѓу класичен транспортер и тенк. Тој има 3-член екипаж составен од возач, управувач со оружје и командант, а може да пренесува дополнителни 8 луѓе во себе. Оклопот на Курганец-25 е модуларен и на него ќе можат да се закачат различни типови на штитови за различни намени, како и различни типови на оружја, вклучувајќи автоматски пушки, самонаводувачки оружја, па дури и топови налик класичен тенк.
Засега на врвот има автоматска пушка, 30-милиметарски топ и простор за четири противтенковски ракети. Ова значи дека Курганец-25 ќе може да се користи за цела плејада на различни намени, од противтенковски јуриши, преку оклопни напади и опсади како класични тенкови, до пренесување на цели единици во оклопни возила.
https://www.youtube.com/watch?v=fJJ51KYkwVo
Тоа што е навистина интересно е што подпретседателот Алберт Баков на концернот „Тракторски Завод“, руската компанија која го произведува ова возило, успеал да ги убеди дизајнерите да вградат конзола налик PlayStation џојстик место волан за управување со Курганец-25. „Поминав две години убедувајќи ги дизајнерите да направат конзола слична на Sony Playstation џојстик, за да направат на младиот војник полесно да се прилагоди на возилото… Испаѓа дека воланот (за разлика од конзолата; заб.) е опасен за градниот кош при судир и при качување нагоре. Зема повеќе место, но не дава никаква поголема вредност“.
Курганец-25 се движи со максимална брзина од 80 км/час на земја и до 10 км/ч во вода, што значи дека има некакви амфибиски способности, како што спомнавме погоре, а таквото движење се обезбедува од 800-коњскиот мотор кој е вграден во предниот дел за да овозможи „попријатна“ работна атмосфера за екипажот.
Извор: PopSci, Sputnik News