viv-earth-f

Можеби поради активно контролираниот маркетинг систем на Apple, доста од вас не знаат дека Siri личниот асистент претставен во 2010 не е развиен во компанијата. Технологијата за развојот на Siri е купена од страна на Apple, односно купена е истоимената компанија Siri Inc. Неколку од луѓето кои што имаат работено на развојот на Siri веќе не се дел од Apple, па работат на нов асистент кој што треба да биде многу подобар од моментално достапните. Новиот асистент е наречен Viv од латинското значење на зборот, живот. Компанијата која што ја имаат основано е наречена Viv Labs и од таму решаваат да излезат во јавноста со повеќе информации околу нивната работа.

Viv за разлика од другите достапни лични асистенти, како Siri, Google Now или Cortana, не е ограничен само на работите за кои што е програмиран. Овој систем е составен од сервери, односно како што модерно се нарекува систем во облакот. Сите информации кои што ќе ги добива овој систем во облакот, ќе ги користи за учење и унапредување на способностите. Viv ќе има способност самиот да го менува сопствениот код, како и да допишува нов, барем така истакнуваат неговите развивачи. Исто така, Viv ќе има можност да комбинира информации и од повеќе извори за да ја изврши бараната задача, односно да одговори на поставеното прашање.

Разлика помеѓу Viv и моментално достапните лични асистенти најдобро може да се разбере преку следните примери. Моменталните асистенти можат да одговорат на прашања како „Каде е роден Абрахам Линколн ?“, како и кој е бројот на жители во тој град. Меѓутоа не можете да поставите прашање како што е „Кој е бројот на жители на градот во кој што е роден Абрахам Линколн?“. Ова е нешто за кое што ќе биде способен Viv, како и други сложени барања за кои што е потребно комбинирање на информации и сервиси од разни апликации и извори.

Сепак овој систем е се’ уште во развој, па не е можно негово тестирање, а не е познато и кога ќе биде комерцијално достапен. Сепак можностите звучат навистина интересно, а можеби е застрашувачки доколку ги земете во предвид предупредувањата од одредени луѓе поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Извор: Wired, The Verge

Претходна статијаNvidia ја претстави 64-битната верзија од Tegra K1 процесорот
Следна статијаДостапна „Августовската надградба“ за Windows 8.1
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.