Пазарите на превозни средства се менуваат бидејќи се менуваат навиките и барањата на потрошувачите. Тоа што беше супербарано во претходните неколку децении како одлично дизајнирани автомобили кои ќе пренесуваат барем четворица лица веќе не е доволно за новите генерации и за одредени култури.
Земајќи го тоа предвид од Honda на Tokyo Motor Show за прв пат ќе претстават две возила од нивната нова серија наречена Wander. Се работи за електрични возила кои треба да учествуваат во урбаниот транспорт на еден подруг, поличен начин.
Wander Stand изгледа како кабина во која можат да седнат двајца. Притоа, воопшто не изгледа како автомобил туку како некоја футуристичка преносна кабина која научнофантастичен илустратор би ја нацртал во 60-тите. Во возилото има огромен екран кој преку надградена реалност прикажува потребни информации како GPS и навигација, брзина на движење, што има пред вас и така натаму.
Wander Stand се управува со џојстик што овозможува било кој возач да го насочува каде што сака. Во него можете да седите или да стоите додека се возите. Практично му доаѓа како мешавина од електричен скутер и количка за голф, и главната идеја е да вози меѓу пешаци. Сепак, има и каиши па веројатно може да постигне и поголема брзина, доволна за да учествува во стандардниот сообраќај. Додека се возите можете да си пуштате песни, да се поврзувате со телефонот, да назначувате посакувана дестинација и патека…
Од друга страна Wander Walker е возило кое повеќе наликува на скутер него на голф количка, но сепак се работи за некоја комбинација од двете. И на него можете да се возите седечки или стоечки, со тоа што изгледа како баги возило, нема каиш, нема предна заштитена површина, но сите други опции од Wander Stand ги има.
На Wander Walker исто како и на Wander Stand сите тркала им се фртат околу оската, што овозможува да се вртат во место и лесно да се снаоѓаат меѓу пешаци.
Ваквите нови и интересни концепти почнуваат се` повеќе да се појавуваат. Дали е тоа навистина одраз на бизарните потреби на пазарот или пак „збеснатост“ на производителите на кои им опаѓаат заработките поради Uber и други напредоци во технологијата е добро прашање. Претходно пишувавме за возилото на Nissan кое во внатрешнината е целосно покриено со екрани, a не е дека не постојат и други интересни концепти и идеи.
Извор: Business Insider, Mashable