Surface-Book-vs-Surface-Pro-4-SBS

Новите Surface Pro 4 и Surface Book на Microsoft буквално го запалија светот во технологијата кога беа покажани на “Windows Devices” настанот, а пред се поради иновативноста и храброста со која софтверскиот гигант донесува промени во светот на таблетите и лаптопите.

Денес излегоа и првите рецензии за овие уреди, на кои импресиите се генерално позитивни, со некои ситни проблеми кои не би требало да ве премислат доколку веќе сте сакале да го купите уредот. Всушност, многу од рецензентите најавија дека би го смениле и својот MacBook Pro или Air за еден од Surface уредите, што секако не е мала работа.

Но, да почнеме од почеток.

Microsoft Surface Pro 4
Таблетот кој може да се користи и како лаптоп компјутер ја доживеа четвртата генерација и секако е најдобриот од сите претходници досега. Најголемата забележлива промена кај новиот модел е всушност новиот Type Cover, односно тастатурата, која сега има копчиња како кај премиум лаптопите и 40% поголем тачпад, нешто што на рецензиите помина како многу позитивна промена.

surf-pro-4

Исто така, многумина забележаа на подобрениот дисплеј, кој сега е за 0.3 инчи поголем и покрај тоа што целиот таблет е потенок и со исти димензии во другите правци, а има и повисока резолуција со 267 пиксели по инч, што го прави убедливо најостар во класата. Surface Pro 4 сега има и подобрено ладење и не прегрева како претходникот, но и натаму е незгоден за користење во скут, бидејќи вратичката која овозможува стоење на лаптопот не е воопшто променета.

Сумирано, доколку не го користите лаптопот често во скут, Surface Pro 4 е исклучително моќен уред, благодарение на Skylake процесорите, со солидна тастатура, долго траење на батеријата (околу 8 часа на мерењата) и премиум изработка од магнезиум која ветува долговечност. И најдоброто од се, поради намалената дебелина на уредот, сега може успешно да се користи и само како таблет.

Microsoft Surface Book
Првиот лаптоп на Microsoft крена многу поголема прашина кога беше претставен и со право – се работи за уред кој буквално ги исполни соништата на многумина. Има извонреден дисплеј со големина од 13,5 инчи и 3:2 сооднос за олеснето работење на документи, има екран на допир кој може да се извади и да се користи како таблет и има вградена графичка картичка за оние што користат софтвер кој бара моќна графика, или сакаат да одиграат некоја игра на својот лаптоп. И не помалку важно, широка тастатура со копчиња кои се специјално дизајнирани за подолги периоди на пишување, како и прецизен тачпад со пет точки на допир.

surf-book

Рецензентите особено ја пофалија изработката од магнезиум и целосниот дизајн на Surface Book, особено новата “Dynamic Fullcrum” шарка, која прави лаптопот да изгледа посебно, но и целосните перформанси на уредот како и ултра долгото траење на батеријата. Всушност, со измерени 11,5 часа за моделот со Nvidia графичка, односно 13 часа за моделот со вградена графичка на процесорот, Surface Book има подолго траење на батеријата од MacBook Pro, што не е мало постигнување.

Пофалби има и за самиот таблет, кој има дебелина од само 7,7 милиметри и покрај тоа што доаѓа со процесори од Core “i” серијата на Intel и кој може без проблем да се користи како голем таблет (како на пример за читање онлајн магазини, на вистински голем дисплеј). Единствените забелешки се во насока на погоре споменатата „шарка“ која кога ќе се затвори лаптопот, остава простор меѓу тастатурата и екранот, што значи ќе треба почесто да го чистите лаптопот, а батеријата вградена во таблетот е доволна за само 3 часа користење (другите батерии се во тастатурата).

surface_book_folded-600x308

Microsoft за Surface Book кажа дека е ултимативниот лаптоп, иако сите рецензенти се сложија дека не е „баш“ ултимативен, но е ѓаволски близу до тоа и многумина и ја оправдаа реално високата цена од 1499 долари за основниот модел.

Двата модели ги спојува и новото Surface Pen, кое сега има 1024 нивоа на препознавање притисок и кое е едно од најдобрите во светот на технологијата. Сепак, некои од нив јавија мало заостанување на линијата која ја цртате во однос на движењето на пенкалцето, но тоа сепак се случува само при многу брзи движења. Од друга страна, го пофалија траењето на батеријата од дури една година и гумичката на горниот дел, која делува природно, односно како што сите сме навикнале.

Заклучок
Според сите рецензии кои ги прочитавме, можеме слободно да кажеме дека со новите два Surface уреди, а особено со Surface Book, Microsoft се надмина себе си и не само што има вистински конкуренти во светот на лаптопите и таблетите, туку во многу делови дури и ја надмина етаблираната конкуренција.

Ова особено добива на тежина бидејќи за прв пат, двата уреди се буквално направени за да функционираат најдобро со Windows 10 и сите придружни програми на Microsoft, а тука пред се мислиме на можностите за допир и пишување забелешки со пенкалцето со помош на OneNote, WebNote на Edge прелистувачот, Snip итн.

surface_klein copy

Лаптоп компјутерите дефинитивно не се веќе тоа што беа, а Microsoft е пионерот на новата генерација на професионални машини кои имаат можности кои во големо ја подобруваат целосната продуктивност на корисникот. И секако, за дел од иднината, веројатно ќе треба да одделите малку поголема сума, но ако им веруваме на рецензентите, тоа ќе бидат добро потрошени пари.

Извор:
Surface Pro 4: Engadget, Gizmodo, PC World, The Verge, Windows Central
Surface Book: Engadget, Gizmodo, PC World, The Verge, The Next Web

Претходна статијаWindows 10 Mobile Build 10572 – Финалната верзија на системот полека почнува да се гледа
Следна статијаHonda ќе претстави две иновативни и урбани електрични возила