Веројатно повеќето од нас сонувале да можат да живеат и шетаат со своето возило каде сакаат, да застанат на која сакаат плажа или планина со „возило-стан“ налик тоа од филмот Meet the Parents. Желбата на повеќето не им се остварува, делумно поради тоа што не можат да се решат да го направат овој револуционерен чекор во својот живот, а делумно бидејќи ваквите изведби се прилично скапи.
За да ви помогне да го превземете тој чекор се понуди словачката компанија Nice Architects, која неодамна ја претстави Ecocapsule – компактна капсула во која може да се живее. Воедно, Ecocapsule има одличен футуристички дизајн па нема да мора да се секирате дека изгледа како да излегла од 80-тите. Внатре во капсулата има кревет, бања/ВЦ, работна маса, шкафови за сместување работи, мини-кујна и прозорци кои се отвораат. Дополнително, на себе има ветерница со капацитет од 700 вати и сончеви панели со капацитет од 650 вати што ќе ви ги обезбеди потребите за електрична енергија. Изворите на енергија ја полнат батеријата од 9.700 ватчасови, што треба да е доволно за повеќето ваши потреби за енергија.
Ecocapsule е така дизајнирана што кога врне дожд истиот се слева по површината и страните за да се собере во посебна комора сместена на подот, па ќе имате и пристап до вода која можете да ја користите за миење работи или можеби и за пиење, ако сте сигурни дека нема воздушно загадување каде што се наоѓате. Исто така, капсулата може да се прикачи на вашето возило и додека ја пренесувате да ја полни батеријата на истото (ако се работи за електрично или хибридно возило).
Компанијата се` уште не ги објави цените за капсулата, но секако се очекува да бидат „солени“, барем за почетокот додека пазарот не започнал да произведува други типови. Со оглед на тоа што компанијата се наоѓа во Словачка треба да очекувате барем неколку илјади евра плус за транспорт до Македонија или на друго место.
Подготвени сте да го задоволите авантуристичкиот дух и да се оддадете на природата и слободата? Тогаш Ecocapsule е создадена токму за вас!