Голема фама во автомобилската индустрија се крена со моделот на Toyota, Prius кој претставува целосен хибриден електричен автомобил кој користи регенеративно кочење. Регенеративно кочење е всушност систем кој кинетичката енергија добиена при кочењето ја претвора во друг вид на енергија која може веднаш да се користи или да се складира. Овој механизам е само еден дел од новата хибридна подземна железница која е во план да се воведе во Филаделфија, САД.
Новиот хибриден енергетски систем е комбинација од регенеративно кочење, супер кондензатори и нови литиум јонски батерии. Тој ќе има за цел инстантно да ги снабдува возовите со електрична енергија, како и останатиот дел од Филаделфија.
Во овој случај, механизмот на регенеративно кочење е сличен како кај Toyota Prius каде што создадената енергија при кочењето на подземната железница би се складирала за понатамошна употреба. Складираната енергија нема да се користи само за сопствена употреба на возовите, туку ќе се праќа до огромен централизиран систем од литиум јонски батерии. Неискористената енергија ќе може да се продава/праќа на поголем енергетски систем.
Целиот систем е дизајниран да може да складира од 1.5 до 2 MWh произведена електрична енергија во текот на целиот ден. За разлика од гасната турбина на која и е потребно неколку минути да достигне максимална моќност, овој систем од литиум јонски батерии може да се наполни за една секунда.
Системот на батерии работи заедно со системот од супер кондензатори и се надополнуваат еден со друг. Наместо директно полнење на батериите, регенеративниот систем за кочење ќе биде модифициран да ги полни најпрво супер кондензаторите, бидејќи тие повеќе траат и се по отпорни на топлина за разлика од литиум јонските батерии. Всушност, супер кондензаторите претставуваат еден вид на амортизација помеѓу возот и батериите.
Според најновите правила на Регулаторната Комисија за Енергетика во Филаделфија , кои гласат дека снабдувачите со електрична енергија кои ќе снабдуваат побрзо ќе добиваат поголема премија се очекува со овој систем да се заштеди многу. Првичните проценки се дека годишниот буџет на оваа американска држава би се зголемил од 150.000 до 200.000 долари.