sound-proof-two-factor

По неодамнешните хаотични случувања со хакирања во бази на податоци и крадење на лични податоци, слики и други приватни информации, безбедноста кај луѓето станува се` побитна. Веќе старото „ако немам што да кријам не се плашам“ не важи бидејќи луѓето на своја кожа ја осетија битноста на приватноста на Интернет и нејзиното зачувување.

Еден од начините за заштита од разноразни хакери и крадачи на идентитет е преку двофакторската идентификација. Во основа, се работи за ваша идентификација која покрај лозинката употребува друг уред кој го имате под контрола, на пример телефонот. Преку него ви се испраќа код кој треба исто така да го внесете за да потврди сервисот дека сте вие човекот кој сака да се најави на системот, а не некој друг.

Сега еден тим на научници создадоа начин за двофакторско идентифицирање преку звук наречен Sound Proof. Имено, ако вашиот компјутер и телефон се наоѓаат на истото место (како што треба да биде, нели) амбиенталните звуци ќе бидат скоро идентични. Овој факт може да се искористи за потврда на вашиот идентитет и успешна најава на системот.

Едноставно активирате апликација на телефонот и потоа двата уреда снимаат и го споредуваат звучниот запис. Ваквиот начин на најавување е поедноставен отколку добивање на SMS порака и нејзино внесување. Сепак, е подложен на недостатоци. Ако некој баш ви се намерачил да се најави во системот со ваше име и лозинка може да дојде до каде се наоѓате и суптилно да се автентицира преку звукот. Ваквите сценарија тешко се изведуваат и треба некој баш ептен да биде заинтересиран за вашиот идентитет.

Секако, двофакторската идентификација сомнително е дали воопшто претставува заштита од владини и шпиунски агенции бидејќи тие често имаат надворешен пристап овозможен од самите компании без да мора да ви пробиваат лозинки, енкрипции и автентичност.

Извор: Engadget, Sound-Proof.ch, Wired

 

Претходна статијаЗголемете го просторот во вашиот телефон безжично со SanDisk Connect
Следна статија7Bot – Роботска рака наменета за аматерите