Некаде во декември претходната година објавивме статија во која беше претставен концептот за автопат од иднината на холандската фирма “Studio Roosegaarde”. Нивниот проект наречен “Smart Highway” се однесува на модернизирање на автопатите со иновативна технологија која визуелно би комуницирала со возачите со помош на осветлени автопатски ленти и знаци, кои се менуваат во зависност од временските услови.
Месеци подоцна доаѓаат интересни вести, дека овој проект веќе ја достигнува својата реализација. Автопатот N329 во близина на градот Oss, стотина километри јужно од Амстердам, е еден од првите авотопати во светот кој е надграден со иновативните решенија на “Studio Roosegaarde”. Имено, со должина од приближно 500 метри од оваа делница може да забележите коловозни ленти кои емитираат светлина, а за извесно време ќе бидат поставени и графички апликации на самиот коловоз кога истиот е влажен или има појава на мраз и многу други работи поради кои ќе направат да се почувствувате како да играте некоја видео игра.
Исто така, како новитет на ова дизајнерско студио е тоа што од пред неколку месеци работат на проект за апсорбирање на смогот од воздухот со помош на електростатски полиња кои ќе ги привлекуваат штетните честички. Инспирирани од состојбата со загадувањето на воздухот во Пекинг, луѓето од оваа компанија дошле до идејата да со помош на електромагнетно поле генерирано од бакарни намотки под релативно низок напон, ги привлечат штетните честички од воздухот кон земјата каде истите би можеле лесно да се исчистат.
Ваквиот уред, доволно би било да биде вклучен само еден до два часа во текот на ноќта за да го постигне потребниот ефект. Прототипот од овој уред, веќе бил тестиран на помали размери и истиот бил карактеризиран како успешен. Принципот на работа на уредот е многу сличен на привлекување на влакната од косата кон балон кој има статичен електрицитет.
Со помош на холандскиот амабасадор, во комуникација со градоначалникот на Пекинг, компанијата успела да постигне договор за тестирање на прототип од овој уред. Истиот ќе биде поставен во парк со големина од 50 метри квадратни, а тестирањето би требало да се изврши кога паркот би бил празен, за да нема присутни луѓе кога честичките ќе почнат да паѓаат.