solar-impulse-2

Solar Impulse 2 е првиот авион во светот кој може непрекинато да лета без потреба од гориво, само во присуство на сонце. Создаден од двајца ентузијасти за летање André Borschberg и Bertrand Piccard, овој авион има револуционерен дизајн со кој може да се изведе најдолгиот лет во историјата на авијацијата.

Solar Impulse 2 е технолошко чудо кое е пошироко од стандарден Boing 747, а тежи само 2.300 килограми. Распонот на неговите крила е 72 метри и на оваа површина се поставени 17.000 соларни ќелии преку кои се снабдуваат со електрична енергија четирите електрични мотори. Со помош на неколку литумски батерии кои се содржани во него, може да се складира доволно енергија во текот на денот и да се искористи за вечерните летови.

solar-impulse-2-2

Неговата структура е направена од карбонски влакна и е обвиткана со пена со голема густина, со цел да се заштити пилотот од високите температури кои се движат од -40 до +40 °C во отсуство на греење и ладење.

solar-impulse-2-3

Во малата пилотска кабина чија големина е половина од внатрешноста на Mini Cooper 2013 секој детаљ перфектно е пресметан за да се постигне максимална енергетска ефикасност и можност пилотот да живее неколку денови во тој мал простор. Има доволно простор за храна, вода, кислород. Дизајнирано е повеќенаменско седиште кое во зависност од потребата може да биде падобран, елек за спасување и тоалет. Ова седиште може да се трансформира за пилотот да прави физички вежби и да се одмори, но само 20 минути.

После 12 години дизајн, илјадници часови поминати во симулатори и во прототипот Solar Impulse 1, André Borschberg и Bertrand Piccard се подготвени да го направат следниот голем чекор. Нивниот план е при крај на следната година тие да поминат пат од 35.000 километри со овој соларен авион. Започнувајќи од Блискиот Исток, овие двајца пилоти сакаат да летаат преку Индија, Мјанмар и Кина, да го поминат Пацификот, САД, Атлантикот и да се вратат на почетната точка од патувањето.

solar-impulse-2-4

Брзината на овој авион е околу 142 km/h, па да се помине еден океан ќе бидат потребни од 5 до 6 дена, а целиот пат вкупно би траел од 20 до 25 дена во рок од неколку месеци. Замислете лет од 120 часа без прекин, преку океани и континенти без никакво гориво. Поради оваа мала брзина и можноста да собере само еден пилот, планот е да слетуваат на секој континент и да се сменат пилотите. Еден од нив ќе лета над Пацификот, друг над Атлантикот, еден би ја поминал Кина, друг Америка и тн.

На секое застанување кое би траело неколку денови, тимот на Solar Impulse ќе организира јавни настани за подигнување на свеста за обновливите извори на енергија и одржлив начин на живот. Всушност тоа е главната цел што овие двајца ентузијасти сакаат да ја постигнат, дека со обновливата енергија може да се постигнат невозможни работи.

Во видеото подоле може да дознаете нешто повеќе за нивната приказна.

Претходна статијаДва проекти од Studio Roosegaarde, меѓу кои и првиот светлечки автопат
Следна статијаDart – најмалиот полнач за лаптоп компјутери