Природата отсекогаш знаела да нѐ изненади со далеку поефикасни решенија на одредени проблеми него тие до кои дошло човештвото. Таков случај истражувале научниците од Ксиамен Универзитетот и Институтот за хидробиологија при Кинеската Академија на Науките, како и од Државниот Универзитет од Пенсилванија. За разлика од досегашните човечки дизајни на сонари, дизајнот кој го поседуваат Јангце делфините без горна перка е далеку помал, а постигнува неверојатно поголема резолуција на скенирање на објекти под вода.
Проблемот со човечките дизајни на сонари е што кога се бараат апликации на висока резолуција, тесно насочување и прецизност, сонарот е најчесто дизајниран како огромен унитарен уред кој создава многу моќни нискофреквентни бранови или високофреквентни бранови кои имаат ограничена моќ на домет во водата (кои потоа се одбиваат од подводни објекти и се враќаат назад кон примач на одбиениот сигнал). Ова носи до одредени ограничувања за постигнување на посакуваната бранова должина на сонарните бранови. За среќа Јангце делфините развиле сонарен систем кој е далеку помал од човековите дизајни и се состои од три дела: черепот, масната топка (melon), и воздушните вреќи. Користејќи го овој триделен систем Јангце делфините достигнуваат супериорна моќ на сонирање (познато е дека делфините се способни да препознаат десет сантиметарска топка на далечина од 100 метри користејќи го сопствениот сонар).
Имитирајќи го нивниот дизајн научниците успеале да ја постигнат супериорна резолуција во однос на досегашните сонарни дизајни, а напоменуваат дека има простор за дополнително подобрување и од овој дизајн откриен кај Јангце делфините. Подобрувањето се однесува на материјалите кои би се искористиле да се изгради имитацијата на трите составни делови на сонарот. Дополнително напоменуваат дека уште една позитивна работа е што делфини со делумно оштетени делови од својот сонарски систем немаат поголеми проблеми при навигирање околу објекти во водата, што значи дека е можно ваквиот систем да биде прилично отпорен на оштетувања.
Извор: Phys.org