Ласер, алатка на човештвото кое досега најде примена во безброј индустриски гранки, а сепак седи по маргините и најчесто не е главна мета на работата која треба да се изврши. Ласерите се применливи во многу области бидејќи се суперпрецизни, со нив може да се одреди точно колку енергија ќе се даде и во кој правец, како и тоа дека имаат интересен склоп на карактеристики кога се употребуваат, на пример: можат да постигнат супер ладење, напредно оружје, влечење на микроматеријал, далечна комуникација, холограми и такви кои можат да се допрат, и останати суперинтересни намени.
Досега со ласер многу лесно се разбиваа разни молекули и материјали на нивните составни делови, но сега за прв пат е демонстрирано спојување на атоми во нови молекули. Се работи за атоми од Магнезиум кои со помош на суперкраток ласер биле споени во соединение Mg2. Ова се случило поради тоа што ласерот извршил влијание врз електроните на магнезиумовите атоми, кои поради тоа формирале врска.
Со менување на брзината на пулсот научниците откриле дека можат да спојат се` повеќе и повеќе атоми во нови молекули, што неколку пати експериментално го потврдиле (преку набљудување на енергијата емитувана од возбудените атоми) за да се избегне шансата дека спојувањето настано заради други фактори, а не поради ласерот. Главниот истражувач Кристијане Кох за приликата изјави: „Енергијата апсорбирана од пулсот води до прередување на електроните на атомите, што резултира во хемиска врска. Се надеваме дека овие достигнувања ќе ги мотивираат другите групи повторно да посветат внимание во кохерентната контрола на хемиските реакции и со тоа повторно да го оживеат ова поле“.
Инаку, со ваквото откритие се поставува патот на индустриско создавање на засебни молекули кои се потребни во процесите на производство, што би можело на долг рок значително да ја намали цената на добивање на разни сировини. Останува да видиме како ќе се развива оваа област во иднината.
Извор: IFLScience, ArsTechnica