Концептот на мотор со внатрешно согорување на водород не е нов. Впрочем, осмислен и изведен е уште во 1806 година од страна на Франсоа Исак де Риваз (т.н. де Риваз мотор). Како што знаеме, водородот е најзастепениот елемент во вселената. Всушност, нашето Сонце и другите ѕвезди го горат и фузираат, притоа испуштаат енергија и создаваат потешки елементи како хелиум и т.н.
Водородот ослободува многу енергија и затоа е одличен како гориво. Проблемот со него е што е многу тежок за задржување и складирање, бидејќи е многу лесен и екстремно запаллив. Затоа мора да се употребуваат многу појаки конструкции и горивни системи отколку тие што се употребуваат во денешните доминантни мотори кои работат на деривати од нафта.
Ова не значи дека производителите се имаат откажано од обидите да создадат погон на водород и на електрични водорони ќелии, а доказ за тоа е BMW со своите два најнови прототипа на возила кои имаат погон за внатрешно согорување на водород и погон на електрични ќелии базирани на водород. Се работи за прототип на нов модел на BMW i8 и на 5 серија GT FCV (FCV – fuel cell vehicle). BMW и Toyota оформија партнерство во 2013 година со цел да се создадат индустриски-прифатени компоненти во врска со возила на водороден погон, а резултатите од ова партнерство ги гледаме сега.
На прототипот на i8 му требаат 6 секунди за да постигне брзина од 100 км/ч, што не е воопшто лошо, но максималната брзина му е околу 200 км/ч, што остава простор за подобрување. Автономијата на двете возила им е до 500 километри, обезбедена од криогенски резервоар кој го држи водородот под притисок од 350 бари (за i8) и водородни ќелии (кај 5 GT FCV).
Како и да е, одличен напредок во оваа проблематика од страна на BMW и Toyota, и будно ќе ги следиме новите објави од страна на овие автомобилски компании.
Водородот како гориво е одличен за економијата на возење како и за екологијата. Согорувањето на водород воопшто не ја загадува околината, бидејќи при спојување со кислородот се создава вода и електрична енергија. Сите нуспродукти од неговото согорување можат да се искористат за други намени, па дури и да се вратат назад во системот (на пример, водата може по пат на електролиза повторно да се раздели на водород и кислород, кои можат да се користат за понатамошно повторно согорување). Секако, не зборуваме за перпетуум мобиле – енергијата за враќање во системот ќе биде неповратно изгубена, но може да биде обезбедена од сончеви панели, враќање на енергијата од страна на електромотори при кочење и слично.
Извор: Ars Technica, Engadget