Тука на Смартпортал веќе пишувавме за безжичното полнење на вашите уреди и како полека се пробиваат на пазарот. Пишувавме за мебелот на IKEA, подобрувањата на Qi стандардот, како и за безжично полнење на автомобили. Сепак, засега ваквиот начин на полнење на уредите е непрактичен, делумно поради цената, а делумно поради немањето широка поддршка како и развивањето на два различни стандарди кои не се меѓусебно компатибилни. Што ако сето ова можеме да го решиме со само еден потег, и тоа со уред кој веќе постои во нашиот дом?
Научниците од Универзитетот од Вашингтон открија начин како да го претворат вашиот безжичен рутер во полнач на уреди. Имено, тие внеле измена во програмскиот код (firmware) на рутерот за да тој почне да испраќа одреден тип на сигнал низ радио-каналите. Потоа, со помош на специјални сензори ги прибираат сигналите и ги претвораат во електрична енергија со која напојуваат батерија на преносен уред. За да не го преоптоварат рутерот и да не го оневозможат да праќа и нормален врсковен сигнал, енергијата ја распоредиле место на 1 на сите три канали.
Истражувачите ова го направиле со 4 рутери ASUS RT-AC68U со кои успеале да предизвикаат полнење на дури 8 метри оддалеченост. Тие напоменуваат дека ова е само почеток, дека системот се` уште не е оптимален и дека има доста работа за ова да се постигне. Како и да е, ова е навистина интересен и практичен пронајдок на кој сигурно ќе му се најде употребна вредност во иднината, особено земајќи предвид дека најверојатно сите имаме безжичен рутер по дома.