Пред неколку месеци во Јужна Кореа беше пуштен првиот ’’hi tech’’ автобус. Ова електрично возило за јавен превоз е прво во светот кое се снабдува со електрична енергија преку патот на кој што се движи. Звучи чудно, но инженерите успеаа да изградат мрежа од специјални патишта под кои подземни водови (кабли) се поставени и енергијата пренесена преку водовите, безжично се пренесува до електричните автобуси. Помеѓу патот и електричните автобуси постои воздушен јаз од 17cm.
Ова неверојатно и возбудливо решение е изведено во градот Гуми во Јужна Кореа каде 24 километри ’’паметни’’ патишта се направени и до сега само две мрежни електрични возила може да ги користат.
За да работи електричното возило потребнa е електрична енергија, која во овој случај се доставува преку кабли дебели околу 30 cm непосредно поставени под површината на патот. Електричниот автобус добива моќност од 100 kW при фрекфенција од 20 kHz при што се создава 20 kHz магнетно поле. Со ова е овозможен максимален пренос на моќноста со ефикасност околу 85%. На долниот дел од автобусот е поставен уред кој има за цел 20 kHz магнено поле да го конвертира во електрична енергија преку магнетна резонанца.
Овој процес е базиран на нова технологија ‘’Shaped Magnetic Field in Resonance (SMFIR)’’развиена од страна на Корејскиот институт за напредна наука и технологија (KAIST). Со ова се овозможува безжично доставување на моќноста додека автобусот е во движење.
Составен дел од електричните автобуси се мали батерии кои значително ја намалуваат нивната тежина, а со тоа и потрошувачката на енергија. Па поради присуството на батериите многу мал дел од патот потребно е да е електрифициран, од 5 до 15%.
Планот е до 2015 уште 10 автобуси да се вметнат во оваа мрежа, но и да се електрифицираат повеќе патишта во Јужна Кореа. Интересно е дека со електрифицирани патишта нема да биде потребно полнење на електричните автомобили, би имало поголема заинтересираност и желба за нивно користење, а со тоа и заштита на животната средина.
Уште многу време треба да помине за насекаде да се инсталираат вакви патишта. Големите трошоци за инсталација, намалената продуктивност поради пречки во сообраќајот и слично ќе ни го одолжат ова задоволство уште неколку години.