Беспилотните летала („дронови“) во последно време станаа многу раширени во својата употреба и во цивилни и воени цели, а со тоа ги зголемија главоболките на одбранбените сили на државите. Стандардните противвоздушни оружја како водени гранати и ракети често се неефикасни против ваквите летала бидејќи многу тешко се откриваат преку топлински сензори, а нивната патека знае често да се менува додека летаат.
За да се борат против ваквата закана едно здружение од три англиски компании (Enterprise Control Systems, Blighter Surveillance Systems и Chess Dynamics) создадоа оружје против беспилотни летала базирано на радиофреквентно онеспособување.
Се работи за систем комбинација од радар, радиофреквентен „пиштол“ и камера. Радарот служи за откривање на првичната локација на леталото, по што пиштолот кој е монтиран со камера се врти кон него. Пиштолот прави вертикално скенирање се` додека не го најде леталото во визуелно поле. Потоа дава опција на операторот за да биде следено леталото и онеспособено.
Кога е насочено и активирано, оружјето е способно да онеспособи летало за само 15 секунди преку насочено електромагнетно зрачење. Со тоа се прекинува врската меѓу леталото и контролорот, и тоа губи насока и паѓа. Онеспособувањето трае кратко или долго во зависност од потребата. Целиот процес на работа можете да го видите на видеото погоре.