Во основа, ние луѓето сме сложени склопови на алгоритми. Дел од нив се вградени, дел од нив се научени, а многу често се преклопуваат (некој вграден алгоритам низ искуство се остварува на различен начин кај различни луѓе). Креативноста и пронаоѓањето е исто така склоп на сложени алгоритми, и практично ако човек најде начин како да создава нови интересни комбинации од различни веќе постоечки ментални концепти, го пронашол патот кон креативноста.
Зошто тогаш токму истата работа да не можат да ја прават синтетички алгоритми и синтетичка (вештачка) интелигенција? Токму така, (ќе) можат и за тоа стануваат се` поспособни. Доказ за ова тврдење е најновиот алгоритам развиен од сингапурски научници при Универзитетот Нанјанг, кој е способен да создава комбинации на мебел на кои не им требаат штрафови, клинци или друг тип на врзивни делови за да ја остварат својата функција.
Алгоритмот работи на тој начин што започнува со еден главен елемент наречен „клуч“, и потоа на него ги надоврзува другите елементи, паметно поставени по редослед за да се држат меѓу себе без да има потреба да се врзуваат со нешто друго. Поради ваквиот принцип на работа, треба да се обезбеди дека клучот е безбедно поставен таму каде што треба да биде (на пример, на рамна површина) и целото парче мебел седи стабилно и фиксно во позиција.
Дали во ова го гледате блискиот, но мачен крај на човековите дизајнери на мебел? Ако сметате дека мебелот се дизајнира само од практичен аспект, тогаш дефинитивно. Од друга страна, ако се работи за естетика, тогаш не би биле толку сигурни. Барем се` дури не се создаде алгоритам кој ќе создава естетични концепти далеку понапредни од човековите…
Извор: Gizmodo, Fastcodesign