water-split-590x330

Досега главниот начин на производство на чист водород беше или преку процес на извлекување од природниот гас со помош на високи температури, или преку електролиза, која се остварува преку доставување на електрична енергија на електроди потопени во вода кои предизвикуваат расцепување на молекулите на водата и одделување на водород и кислород на различните електроди.

За жал електролизата досега е доста неефикасен процес бидејќи беа потребни големи количества енергија за да се оддели незначително количество водород, но ова е на пат да се смени. Имено, научниците од Стенфорд успеаа да создадат комбинација на електроди базирани на никел и железо кои се далеку поефикасни од тие што се користени досега (кои се често базирани на ретки материјали), а и многу поевтини бидејќи се изградени од материјали кои не се ретки.

Со ваквиот пронајдок тие ја зголемиле ефикасноста на електролизата на дури 82% на собна температура, што е огромно подобрување на овој процес. Дополнително, тие со пронајдокот успеале да ја намалат волтажата на потребната струја на само 1,5 волти, што е еквивалентно на стандардна батерија. Со помош на оваа волтажа тие создавале водород повеќе од 200 часови без проблеми.

Дали конечно можеме да го видиме денот кога водородот ќе се создава евтино за да може без проблем да се користи во автомобилите, авионите, домашните системи за загревање и напојување, и на други места?

Водородот е најчестиот елемент во универзумот, и тоа со добра причина. Имено, се работи за дефинитивно наједноставниот елемент составен само од еден електрон, еден или повеќе неутрони (изотопи) и еден протон. Поради ваквата структура тој многу лесно влегува во хемиски реакции со други елементи, како на пример, со кислородот.

Последноспомнатата карактеристика го прави одличен извор на енергија како гориво, бидејќи при горењето т.е. спојување со кислород испушта големо количество на топлина, а нивниот материјален производ е чиста вода (H2O), правејќи го супереколошки. Проблемот со водородот е што е екстремно тешко да се пронајде или произведе тука на Земјата, но работите полека се менуваат како што можеме да забележиме низ ваквите пронајдоци.

Извор: Stanford, Geek

Претходна статијаАлгоритам создава мебел на кој не му требаат шајки ниту штрафови
Следна статијаСтудија на NASA (веројатно) ја пронајде изгубената топлина од глобалното затоплување