am_foto_01

Луѓето отсекогаш сакале да го освојат воздухот и тоа практично успеавме да го сториме последниве неколку децении. Се качивме на Месечината, имаме сателити кои вртат околу Земјата, а секој момент илјадници авиони патуваат од едно до друго место на Земјата. Иако авионскиот транспорт е еден од најбезбедните видови на транспорт, луѓето сепак одлучуваат многу од своите патувања да ги остварат со автомобил.

Дел од причината е што за кратки растојанија (под 400 км) авионите и не се баш ефикасен начин на транспорт – едноставно повеќе време треба да се помине во влегување во авионот, полетување и слетување него директно да се извози тоа растојание. Дополнително, авионите не им даваат на патниците никаква контрола врз нивното патување, а ниту можност да се застане. Од друга страна, автомобилите се поризичен начин за патување, а гужвањето во гужви создава значителна нервоза кај возачите.

Што ќе се случи ако ги споиме овие два методи на транспорт и дали ќе ги добијат позитивните или негативните карактеристики на истите? Тоа прашање си го поставиле и почнаа да го одговараат од словачката компанија AeroMobil. Тие претставија верзија на летачки автомобил која работи и која успешно слетува и полетува покрај тоа што вози по пат. Воедно, нивниот модел изгледа добро, што секако е битно во денешната потрошувачка економија.

На овој хибрид му требаат околу 250 метра должина на писта/пат за полетување и околу 50-тина метри за слетување. Тој вози како нормален автомобил (со малку чуден и интересен дизајн) а кога треба да полета ги шири крилјата и почнува да врти ротор поставен на неговата позадина. На видеото во продолжеток можете да го забележите процесот на полетување, слетување и летање. Тој практично се управува како стандарден мал авион, и за неговото летање треба летачка дозвола.

Од AeroMobil изјавија дека за почеток ќе го насочат кон класата на богаташи, преку вметнување на GPS уред од Гармин (Garmin Avionix), автопилот на две оски како и автономија од 800 километри. Секако, цената ќе биде исто така за богаташи па се очекува да биде неколку стотици илјади евра. Идејата е да се искористи пласирањето на пазарот слично на Tesla Motors, со тоа што отпрвин ќе се насочи производот кон богатата класа која ќе го купува и со тоа ќе инвестира во понови, подобри и поевтини модели кои ќе можат да се продаваат и на „посиромашните“ граѓани.

Од AeroMobil исто така гледаат кон скоро целосна автоматизација на ваквите летови, избегнувајќи ја потребата од летачка дозвола за секој возач а воедно избегнувајќи многу несреќи поради несоодветно управување. Ќе биде трагично да се видат првите несреќи на пијани возачи кои влетале во нечив дом или се забиле на некое дрво.

Извор: RT, Engadget, CNet

Претходна статијаInternet Explorer ќе замине во историјата, Microsoft се откажува од неговиот бренд
Следна статијаDyson инвестираше 15 милиони долари во батерии со дупло поголем капацитет