AA Battery

Подобри батерии како извори на енергија за нашите преносни уреди е веројатно сонот на корисниците уште од пред две децении. Нашите преносни уреди веќе можат да пресметуваат патеки на ракети, да произведуваат брза 3Д графика и да држат илјадници апликации во исто време – ама траат во најдобар случај два дена поради се` уште недоразвиената технологија на батерии.

Сега компанијата Dyson, која е попозната по правосмукалки и навлажнувачи на воздух, инвестираше 15 милиони долари во компанијата Sakit3. Sakit3 е компанија која се занимава со истражување на нови батериски технологии. Според нивното кажување, новата технологија на батерии која се базира на цврсти материјали, овозможува дуплирање на капацитетот на нивните батерии во однос на стандардните литиум-јонски. Иако нема доволно информации, од тоа што можеме да го пронајдеме е дека тие ова го постигнале со замена на течните електролити со цврсти користејќи ја технологијата на создавање на тенки филмови од материјал која се користи во создавањето на LCD екрани.

Dyson секако не инвестира од чиста мира, па оваа инвестиција ќе ја искористи за да ги вгради овие нови батерии во своите нови производи кои треба да се појават на пазарот наскоро. Иако повеќето луѓе би биле скептични на напредоците во батериската технологија бидејќи веќе половина деценија тапкаме во место, останува да видиме до каде ќе стигнат Dyson со Sakit3 и дали ќе ги исполнат очекувањата.

Извор: The Next Web, Gizmodo, Engadget

Претходна статијаСловачката компанија AeroMobil создаде функционален летачки автомобил
Следна статијаLi Ning и Xiaomi ќе претстават паметни спортски патики