Формула 1 веќе неколку години опаѓа во популарност и изгледа дека сите трикови кои ги користат за да се обнови интересот не се прифатени во јавноста. Низ годините имаше најразлични варијанти на забрана, па дозвола за разни технологии, материјали и мотори, а секако да не ги заборавиме и неизбежните дами кои ја разубавуваат патеката.
За да го реши овој проблем и да ја врати возбудливоста во трката се понуди McLaren со нивниот најнов концепт на футуристички болид MP4-X. Поточно, проектот е дело на Applied Technologies дивизијата која се бави со вакви проекти во високата автомобилска технологија.
Во кратки црти, се работи за проект кој треба да овозможи многу подлабоко поврзување на возачот со неговото возило и подобрување на безбедноста. Материјалот кој ќе се користи за каросеријата и другите делови ќе биде со специјална способност да се врати назад во оригиналната форма при удар. Се предвидува еден вид на „шофершајбна“ која треба да го штити возачот, која ќе биде водоотпорна и можеби ќе има самозатемнувачка способност при силна надворешна светлина.
Се превидува и приказ кој личи на авионски приказ за возачот, системи кои се управувани директно од мозочните бранови на возачот и одело кое ги прикажува виталните знаци кои ги дава неговото тело, што особено ќе биде битно во случај на судар.
Некои други работи кои се спомнуваат се претворање на воздухот во плазма како начин за зголемување на брзината, анализа на притисокот во пневматиците во реално време за да се избегнат пукања, батерии кои се дел од структурата…
MP4-X е феноменален концепт за возило на иднината. Секако, се потпира на технологии кои треба да се доразвијат за да можат да се применат на начинот на кој би сакале од McLaren, но веруваме дека се зад аголот и за некоја година ќе почнеме да ги гледаме во Формула 1. Можеби така конечно ќе ни се врати желбата да го гледаме ова шоу.