Кинеската компанија ZTE уште еднаш ја потврдува својата долгогодишна соработка со T-Mobile со новиот фаблет ZMax кој ќе биде ексклузивен за овој оператор.
Производителот на телефони е познат по своите ефтини модели, па така и ZMax не е исклучок. Овој 5,7 инчен телефон покрај четиријадрениот процесор Snapdragon 400, 8 мегапикселната камера и дисплејот со 720p има моќна батерија од 3,400 mAh која како што тврдат од компанијата стандардно издржува цели два дена.
Уредот работи на Android 4.4 KitKat и доаѓа со 16 гигабајти внатрешна меморија. Верзијата на оперативниот систем е најчиста до сега, тоа значи дека од ZTE значително малку интервенирале во изворниот код на Android.
Аудиофилите би биле задоволни со тоа што овој телефон има и технологија Dolby DM3 audio за посупериорен звук. Она што доаѓа претходно инсталирано е камерата од серијата Nubia на ZTE која покрај неколкуте подобрувања нуди и мануелна контрола. Телефонот ќе почне да се продава од 24 септември по цена од 252 долари.