boeing-cst-100-2

НАСА ги избра Boeing и SpaceX да пренесуваат астронаути до меѓународната вселенска станица, што ја донесе агенцијата еден чекор поблиску до лансирање на Американците во вселената од територијата на Америка.

Американската агенција ги одбра овие две компании како победници на конкурсот вреден 6,8 милијарди долари.

Charles Bolden, моменталниот управител на НАСА, се обрати од вселенскиот центар Kennedy во Флорида:“ Договорите ја поставија сцената за она што ветува дека ќе биде најамбициозното и највозбудливото поглавје во историјата на НАСА и на човечките вселенски летови”.

Цврстото потпирање врз изведувачите кои се одговорни да ги одведат астронаутите во вселената, ќе и дозволи на агенцијата да се фокусира на уште поамбициозна мисија-онаа да испрати луѓе на Марс”, изјави управителот.

Договорот означува значителна промена за вселенската агенција која го приземји вселенскиот шатл во 2011 година и моментално се потпира на руските вселенски летала кои ги превезуваат астронаутите од и кон меѓународната вселенска станица.

Според договорот, компаниите ќе имаат за цел да изведат пробен лет до вселенската станица со астронаут од НАСА во 2017.

SpaceX кој ќе ја користи Dragon V2 капсулата која ја претстави во Мај потпиша договор вреден 2,6 милијарди долари, а Boeing кој ќе ја користи CST-100 капсулата доби договор вреден 4,2 милијарди долари. Разликата во износите се должи на понудите кои НАСА ги добила од компаниите, но и двете компании треба да исполнат исти барања.

Двете возила можат да се реискористат и се дизајнирани да пренесуваат до седум патници.

Името CST-100 потекнува од “Crew Space Transportation”, а 100 километри е традиционалната висинска граница која означува почеток на вселената.

CST-100 капсулата за екипаж е вселенско летало дизајнирано од Boeing во соработка со Bigelow Aerospace за влез во програмата на НАСА за развој на комерцијални вселенски летови.

Капсулата има дијаметар од 4,56 метри и е малку поголема од Apollo командниот модул, а помала од капсулата Orion. Леталото е во можност да остане во орбитата до седум месеци, а може да се реискористи до десет пати.

Dragon е надградена верзија на роботската капсула SpaceX која се користи за карго мисии до вселенската станица, според посебниот договор со НАСА вреден 1,6 милијарди долари. Dragon V2 вселенското летало ќе биде способно за слетување речиси секаде на Земјата со прецизност на хеликоптер и дополнување со гориво и повторно летање за брза реупотреба.

Леталото има моќен систем за спасување, кој ќе овозможи способност за бегство од моментот кога екипажот ќе влезе во возилото се до орбитата. Осумте SuperDraco мотори вградени во страничните ѕидови од леталото ќе произведуваат до 54 тони аксијално оптоварување за да се овозможи спасување на астронаутите во случај на опасност при лансирањето.

Двете капсули ќе бидат лансирани од Kennedy вселенскиот центар во Флорида.

Извор: Cnet

Претходна статијаZTE ZМax, издржлив 5,7 инчен фаблет ексклузивен за T-Mobile
Следна статијаBleep: Апликацијата за тајни разговори од BitTorrent достапна за тестирање за сите корисници