Се зголемува бројот на компании кои се одлучуваат чиповите за смартфоните да ги дизајнираат и произведуваат сами – Xiaomi е најновата и нивниот прв чип се вика Surge S1. Ова е процесор од средната класа и од него не очекувајте којзнае колку високи перформанси, но во иднина Xiaomi ќе претстави и чип од високата класа, кој ќе го користи во своите најдобри модели.
Идејата зад развојот и производството на свој чип е Xiaomi да не зависи од другите, како на пример од Qualcomm, за испорачување на чипови. На овој начин, не само што тие ќе ги намалат трошоците за производство на еден смартфон, туку ќе можат и многу подобро да го оптимизираат својот MIUI софтвер.
Surge S1 инаку има осум јадра, од кои четири помоќни работат на 2,2 GHz, додека штедливите четири работат на 1,4 GHz. Чипот е изработен со транзистори од 28 nm, што е знак дека нема да може да се натпреварува со најдобрите во перформансите и во потрошувачката на енергија, како на пример Snapdragon 821 или Kirin 960. Поточно, очекувајте тој да биде рамо до рамо со чиповите како Snapdragon 435 или Snapdragon 625, Exynos 7580, MediaTek MT6738T и Kirin 650. Предност на чипот на Xiaomi е што има графички чип Mali-T860 со четири јадра – конкуренцијата го има истиот но само со две јадра.
Првиот смартфон со овој чип е Xiaomi Mi 5c, кој е 5,15 инчен смартфон со карактеристичен Xiaomi дизајн и изработка од пластика и алуминиум. Дисплејот има резолуција од 1920х1080 пиксели и поддршка за 94,4% од NTSC гамата на бои, додека погоре споменатиот чип е помогнат од 3 GB рам меморија и 64 GB простор на брза eMMC 5.0 меморија. Батеријата на Mi 5c има капацитет од 2.860 mAh, додека задната камера има голем сензор со 12 мегапиксели и средно брза f/2.2 бленда. Предната камера пак има 8 мегапиксели и f/2.0 бленда, а напред е вграден и читач за отпечатоците.
Цената на Xiomi Mi 5c ќе изнесува 220 долари во Кина, што преведено кај нас би било околу 250 евра според цените на останатите паметни телефони на производителот.