Доколку се земе во предвид трендот на брзо претставување на нови модели слободно може да очекуваме дека Xiaomi ќе го претстави наследникот на Mi 4 идниот месец на CES настанот, а се разбира името кое што се очекува е Mi 5. Mi 4 беше претставен на почетокот од летото оваа година и тој иако не вклучуваше многу нови карактеристики од аспект на компонентите, сепак дојде со целосно нов дизајн кој што вклучува метална рамка, нешто што стана дел од телефоните од високата класа.
Официјални информации за тоа што може да се очекува од Mi 5 нема, па како и обично сме оставени на шпекулациите и неофицијалните информации кои што одредени портали тврдат дека ги имаат добиено.
Една од најновите информации, која што се разбира не мора да значи дека ќе се покаже како точна, е дека Xiaomi планира екранот на најновиот модел да го направи од сафир. Овој материјал се смета како појак од стаклото, а тоа најмногу доаѓа до израз од неговата отпорност од гребаници.
Сепак постои дискусија помеѓу производителите кој материјал е подобар, а се разбира Corning се тука да ги истакнат предностите на стаклото. Според нив, стаклото е многу поевтино за вградување во мобилните телефони, а исто така тоа е поиздржливо кога се работи за паѓање на уредот.
Што се однесува до информациите за тоа што ќе вклучува Mi 5 во внатрешноста, тие говорат дека телефонот ќе дојде со 5,7 инчен QHD екран, Snapdragon 810 процесор, како и 3GB RAM меморија.
Што и да биде вклучено во наредниот главен модел од Xiaomi, доколку се земе досегашната практика, можеме да бидеме сигурни дека ќе биде нешто интересно и дел од високата класа на производи.
Извор: Ubergizmo, TechnoBuffalo