Sony оваа недела претстави телефон кој е наменет за корисниците кои во главно се заинтересирани за камерата. Слободно може да се каже дека влогерите и сличните корисници, сега можат наместо апарат, да го купат новиот смартфон од Sony и со тоа да ги добијат истите карактеристики, со уред кој во исто време е и телефон.

Xperia Pro-I е името на телефонот, а „I“ во името не е бројка, туку буква која се однесува на зборот „Imaging“, очекувано кога ќе се видат карактеристиките на камерата кај овој телефон.

Камерата е со голем сензор од 1 инч, а досега ваков сензор можевме да видиме кај Sharp Aquos R6, кој во мај беше претставен како смартфон со најголем сензор на пазарот. Веќе тоа не е случајот, а кога зад овој сензор сега ќе се додаде и брендот на Sony, јасно е кој ќе го привлече вниманието на корисниците.

Сензорот од 1 инч кој се користи кај Xperia Pro-I е истиот кој се користи кај RX100 VII камерата од Sony, но секако оптимизиран за мобилните. Тоа значи дека корисниците може да очекуваат скоро ист квалитет и можности при користењето на камерата кај телефонот, како кога би купиле апарат.

Во денешно време влогерите кои своите видеа ги објавуваат на YouTube, Instagram, TikTok и слично, често користат мобилни телефони, па тие кои повеќе имаат навлезено во таа работа, користат и апарати кои сега имаат посебни модели наменети за овие корисници. Со Sony Xperia Pro-I корисниците својата одлична камера ќе ја имаат во својот џеб и веќе нема да мора да носат два уреди со себе.

Според одредени информации, Xperia Pro-I не го користи целиот сензор, па тој иако е со 20 мегапиксели, сликите кои се добиваат се со 12 мегапиксели. Овој број на мегапиксели го имаат и двете дополнителни камери кои се наоѓаат на задната страна од уредот, а на предната страна камерата е со 8 мегапиксели.

Од Sony истакнуваат дека тие не се труделе да им понудат на корисниците голем број на мегапиксели, кои реално и не се клучни за квалитетот на сликата, па со нивниот сензор се добива многу повеќе.

Камерата кај Xperia Pro-I исто така овозможува снимање со 4К и 120 frames, задржувајќи го оригиналниот квалитет, а корисниците можат целосно да го искористат добиеното видео за негова измена на компјутер подоцна.

Процесорот кој што исто така е важен за процесирањето на сликите од камерите е BIONZ X кој Sony го користи кај A серијата на професионални апарати.

Јасно е дека корисниците дефинитивно добиваат фото апарат кој има и можност да прави телефонски повици и да ги користи сите во денешно време познати апликации.

Sony Xperia Pro-I доаѓа со 6,5 инчен екран со резолуција од 3840 на 1644 пиксели и е направен со OLED технологија и стапка на освежување од 120 херци. Работи на Snapdragon 888, овозможува простор за податоци од 512GB, а има и 12GB RAM.

Очекувано со оглед на намената на овој смартфон, тој има порта за слушалки, нешто што на влогерите би им било доста важно при снимање на видео.

Батеријата е со капацитет од 4500 mAh, а може да се полни со брз полнач со 30W.

Цената на Sony Xperia Pro-I е прилично висока, но во рамките на нивните апарати со ваков сензор, па се гледа дека целната група на Sony се овие корисници. Xperia Pro-I ќе се продава по цена од 1800 долари.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Sony
Претходна статијаДенови на Италија во Тинекс – The Extraordinary Italian taste
Следна статијаНовата Microsoft Store од Windows 11 ќе биде достапна и на Windows 10
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.