По откритието минатата недела дека Galaxy S10 и Note10 можат да бидат отклучени преку сензорот за отпечатоци под екранот и со отисоци кои не се регистрирани, доколку се користи одредена заштитна фолија, Samsung оваа недела го реши пропустот и истиот ќе биде исправен со надградба на системот, поточно софтверот.
Од компанијата им се извинија на корисниците на засегнатите телефони, преку Samsung Members апликацијата и истакнаа дека тие сериозно ја сфаќаат безбедноста и приватноста на своите корисници.
Со инсталирање на најновата верзија која ќе им биде достапна на корисниците во периодот што следи, тие ќе можат да бидат сигурни дека нивниот сензор за отпечатоци повторно е безбеден и дека не може да биде „излажан“ на било каков начин.
Надградбата, поточно, исправката за пропустот прво ќе им биде достапна на корисниците во Кореа, по што се очекува да им биде набрзо пуштена и на сите други.
До тогаш, доколку сте корисник на некој од овие телефони, можеби најдобро би било да не му ставате заштитна фолија, иако не сите видови на фолии го прават проблемот.
За потсетување, покрај појавата на овој проблем, сепак видот на сензор за отпечатоци под екранот којшто го користи Samsung е значително побезбеден од тој што го користат повеќето конкуренти.
Сензорот којшто го користи Samsung е направен од страна на Qualcomm и работи со ултра звук, наместо оптички, што значи дека тој не го препознава отисокот само врз основа на 2Д слика.