Huawei ги има едни од најдобрите телефони на пазарот кога е во прашање камерата, меѓу другото, па интересно е зошто од компанијата се решаваат за вакви „потези“, а според информациите, ова не е ни првиот ваков случај.
Во реклама за Huawei Nova 3 се истакнува камерата на овој уред, како и вештачката интелигенција која од компанијата веќе одреден период ја користат за подобрување на сликите на нивните уреди.
Во повеќе кадри телефонот се користи за сликање на селфи, по што се прикажува одличната слика која успева да ја „извади“ овој телефон. Сепак, изгледа дека одличниот квалитет се должи на користењето на професионален DSLR апарат, наместо самиот телефон, којшто веруваме дека исто така вади одличен квалитет на сликите.
До сознанието дека во рекламата се користи DSLR апарат доаѓа од глумицата која учествува во рекламата, односно која заедно со нејзиниот партнер во рекламата, сликаат селфи. Таа објавувајќи слики од снимањето на рекламата, објавува слика на која се гледа кадарот кога го сликаат едно од селфијата, а на неа се гледа дека тие се сликани со DSLR, а во раката на глумецот кој ја има поставено како за сликање селфи, нема ништо.
Иако можеби и ретко кој би ги забележал овие работи во една реклама, во која се очекува да се додадат ефекти и дека не би се пуштиле сликите чисто како што ги слика телефонот, сепак е интересно што од Huawei се имаат одлучено за вакво нешто, па уште на крајот да бидат фатени, а тоа не е ни првпат.
Целта на оваа реклама е да покаже како потрошувачите можат да ги користат особините на HUAWEI Nova 3 и Nova 3i. Како што е наведено на крајот на видеото, тоа е само приказ за фотографиите кои може да се направат со мобилниот телефон. – велат од Huawei.