По најавата на Phone (2a) на почетокот од месецот, Nothing сега официјално ја најави и датата кога нивниот најнов телефон ќе биде официјално претставен, а прикажа и слика од задната страна.
Телефоните од Nothing обично доаѓаат со специфичен дизајн на задната страна, па затоа и тука е вниманието. Предната страна одамна веќе не е нешто што посебно го привлекува вниманието, со оглед на тоа што се работи во главно за екран со мали рамки и исечок за камера.
Од сликата се гледа дека Phone (2a) сепак ќе дојде со препознатливите сијалички за брендот, иако тие нема да бидат на целата задна страна. Променети се и дизајнот и поставеноста на камерите, па тие се во средината од горната страна, а ако добро се загледа, може и да се видат одредени „работи“ во овој дизајн.
Nothing Phone (2a) дефинитивно изгледа одлично и се издвојува на пазарот кој во главно ги има истите уреди со години.
Во најавата од Nothing стои дека целосното претставување на телефонот е закажано за 5 март, па тогаш ќе ги видиме сите карактеристики на уредот, а веќе знаеме дека тој ќе работи на Dimensity 7200 Pro од MediaTek, информација која исто така беше објавена од страна на компанијата.
„Погледнете го светот низ свежи очи. Телефонот (2а) е производ на смели дизајнерски одлуки и прецизен инженеринг. Изграден на платно на транспарентност, отклучуваме нови можности за дизајн со спојување на човечката топлина со најсовремениот инженеринг. Смартфонот што отсекогаш сме сакале да го направиме.“ – истакнаа од Nothing.