Џон Просер, кој веќе е познат по точните неофицијални информации, објави дека Galaxy S серијата идната година ќе биде претставена на 14-ти јануари. Ова оди во правец на досегашните информации кои најавуваат порано претставување од досегашната практика на настани на крајот од февруари.

Според Просер, на истиот ден ќе почнат пред-нарачките на уредите, а веќе од 29-ти јануари ќе започне официјалната продажба.

Како и оваа година, така и за идната се очекуваат три различни варијанти од Galaxy S, па така ги очекуваме „истите“ Galaxy S21, Galaxy S21+ и Galaxy S21 Ultra. Го користиме името S21, иако уште не е јасно дали Samsung ќе се одлучи за S30, поради тоа што повеќето објавувачи на неофицијални информации го користат тоа име, но за кратко ќе дознаеме кое е точното.

Од тоа што досега можеше да се прочита, Galaxy S21 серијата се очекува да добие одредени промени во изгледот, па така екранот ќе има помала заобленост од страните, а можно е истата и да ја нема, како кај Galaxy S20 FE моделот.

Покрај тоа, модулот за камерите на задната страна ќе добие мал редизајн, па тој повторно интересно ќе се истакнува, овој пат прелевајќи се на страната од телефонот.

Нема најави дека Samsung ќе се реши за поставување на предната камера под екранот, што значи дека повторно истата ќе биде сместена во мала дупка на средината, нешто што од наше искуство и е најдобро решение и не се забележува скоро воопшто.

Голема новина ќе биде процесорот кој се користи за европскиот пазар, меѓу другите, како и нашиот, односно Exynos процесорот од Samsung, кој идната година ќе биде многу подобар и ќе вклучува барем едно Cortex-X1 јадро.

Иако не се очекува голема надградба од оваа година, сепак очекуваме дека Galaxy S серијата ќе остане на врвот и ќе ги привлече корисниците кои се спремни да купат нов телефон, а зошто да не и сопствениците на S20 серијата.

ИЗВОРPhoneDog
Претходна статијаPuriCare Wearable Air Purifier е маска прочистувач на воздухот од LG која официјално почна да се продава
Следна статијаWhatsApp воведува можност за „исчезнување“ на пораките по 7 дена
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.