Наредниот уред од Samsung со екран кој се превиткува, од некои нарекуван Galaxy Fold 2, се очекува да биде претставен во февруари, заедно со Galaxy S11 телефоните. Ова делува како можно ако се земе и ланското претставување на Galaxy Fold за време на претставувањето на Galaxy S10.

Samsung ја најави можноста, а сите неофицијални информации досега говорат дека вториот уред со екран на превиткување од компанијата ќе биде различен од првиот во еден основен дел. Тоа е начинот на којшто се превиткува, а со тоа и типот на уред којшто ќе биде.

Новиот уред би требало да се превиткува на хоризонталата од уредот, со што се добива „флип“ телефон, односно како познатиот RAZR од Motorola кој ја доби својата модерна верзија, а продажбата е одложена поради наводно голема побарувачка.

Нова информација која доаѓа од познатиот и најчесто во право Ice universe, говори дека вториот уред од Samsung со екран на превиткување, каков и да биде, како и да се вика, ќе има екран направен од стакло.

Можеби ако не ги следите овие уреди доволно детално оваа информација ќе ви дојде чудна, односно од што друго да биде направен екранот, но сепак првата генерација има екран од пластика, поради тоа што доволно еластично и свитливо стакло уште не е развиено.

Според информациите, а и патент апликација од Samsung, се верува дека потребното стакло е развиено и ќе се користи во наредните генерации од ваквите уреди, иако како и секогаш, нема начин да ги потврдиме неофицијални информации, па останува да чекаме.

Предноста која ќе ја имаат ваквите уреди со користење на стакло е прилично голема. Стаклото е многу поиздржливо од пластиката и корисниците ќе имаат уред за кој нема да мора да се „секираат“ дали ќе го оштетат со било каква најмала ситница.

Исто така, стаклото нема да остава видлив знак каде се превиткува, барем не толку голем како што остава пластиката, а тоа можевме веќе да го видиме од првите верзии на кои се гледаше прилично очигледна „фалта“.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаМакедонски Телеком организира e-Sport турнир за вистински гејмери
Следна статијаРусија се исклучи од светската интернет мрежа како дел од планираниот тест најавен на почетокот од годината
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.