По многу неофицијални информации и слики, Lenovo вчера го претстави Motorola RAZR 2019, нова и модерна верзија од еден од најпопуларните телефони порано.

Иако има одредени промени во дизајнот, RAZR го задржува својот познат и карактеристичен изглед, а главната улога ја има механизмот кој го превиткува телефонот на половина и со тоа го прави многу помал и полесен за носење во џебот.

Motorola RAZR, како што веќе повеќе пати читавме, отиде во различен правец за разлика од конкуренцијата која работи на уреди со екрани кои се превиткуваат. Samsung и Huawei се решија за уред кој кога ќе се отвори овозможува користење на уредот во големина која е како еден помал таблет компјутер.

Lenovo наместо тоа, реши да овозможи класичен смартфон, кој кога ќе се превитка ја намалува својата големина и може лесно да се пренесува, односно исто како и старата популарна верзија од RAZR телефоните.

Тоа што сепак малку ќе ги разочара корисниците е што овој телефон, кој ќе чини околу 1.500 долари, е телефон од средната, односно средно високата класа, барем кога се во прашање неговите карактеристики. Цената секако е таква поради екранот кој се превиткува.

Motorola RAZR работи на Snapdragon 710 и има 6GB RAM меморија, како и 128GB внатрешна меморија за податоци. Екранот е со големина од 6,2 инчи и има изненадувачки мала резолуција од 2142 на 876 пиксели, што значи дека не е ни Full HD.

Кога телефонот е затворен, достапен е уште еден мал екран со големина од 2,7 инчи и резолуција од 800 на 600 кој е наменет за прикажување на известувања, часовник и слични информации.

Уште една работа која ќе ги разочара заинтересираните за овој телефон е батеријата. Таа е со вкупен капацитет од само 2510 mAh, што зависно од начинот на користење на телефонот, може да треба да се полни повеќе пати во текот на денот, но послабиот процесор и помалиот број на пиксели на екранот, ќе направи одредена компензација.

На долната страна од телефонот, на познатата рамка која е поголема, поставен е сензор за отпечатоци, USB Type-C конектор и звучник.

Телефонот доаѓа со главната камера која има 16 мегапиксели, како и уште една предна камера која е поставена во исечок со 5 мегапиксели.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаПодгответе ги возилата за безбедно движење во зимски услови – од 15 ноември започнува обврската за носење на зимска опрема
Следна статијаSamsung патентира нов OLED екран кој може ќе го видиме кај Galaxy S11 телефоните идната година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.