Кога Microsoft ја купи Nokia, односно делот од компанијата кој што ги развива мобилните телефони, јасно беше дека после одреден период ќе биде променет брендот кој што се користи за новите модели. Договорот при купувањето им овозможи на Microsoft период од 18 месеци за користење на Nokia брендот кај паметните телефони.
Дека промената на брендирањето е завршена дознавме на почетокот од оваа недела кога брендот Microsoft Lumia беше најавен на француската Facebook страна на Nokia. Тогаш оваа информација беше дополнително потврдена од страна на Microsoft за порталот The Verge.
Денеска оваа промена станува официјална и е најавена од страна на Tuula Rytilä, Виши заменик директор за маркетинг на телефони во Microsoft. Сите нови уреди кои што ќе бидат претставени ќе го носат името Microsoft Lumia, наместо досегашното Nokia Lumia име. Таа исто така истакнува дека иако не би сакале да објават точна дата, нов уред со новиот бренд може да се очекува да биде претставен наскоро.
Она што сигурно повеќето корисници фанови на Nokia ги интересира е дали сега кога тие се дел од Microsoft, ќе се задржи стилот на работа, претставување на нови уреди и квалитетот кој што беше карактеристика на сите уреди од оваа компанија. Тоа посебно се поставува како прашање по отпуштањето на 18.000 вработени од Microsoft од кои што 12.500 се вработените во Nokia кои станаа дел од новата компанија. Иако тоа ќе се покаже со тек на време, Tuula истакнува дека тие остануваат со истата посветеност и стил на работа како и со досегашните Lumia телефони.
Брендот Nokia сепак нема целосно да биде прекинат. Microsoft има право да го користи кај послабите модели во наредните 10 години, па најавено е понатамошно претставување на такви модели под тој бренд. Еден од тие послаби модели какво што ќе продолжат да бидат претставувани е Nokia 130.
Што се однесува до досега претставените Nokia Lumia мобилни телефони, се истакнува дека тие ќе бидат поддржувани и понатаму без разлика на промената на брендот кој што ќе се користи кај новите модели.
Извор: Nokia Conversations, The Verge