Нова верзија од оваа позната Linux дистрибуција излегува на секои 6 месеци, односно во Април и во Октомври. Тоа значи дека од оваа недела достапна е најновата верзија од овој оперативен систем која ја носи 14.10 верзијата и името Utopic Unicorn. Оваа недела исто така е и 10 годишнината од претставувањето на првата верзија од овој сега познат оперативен систем.
Ubuntu 14.10 е дел од верзиите со стандардната поддршка, па истата завршува по 9 месеци. Тоа значи дека доколку вашата главна работа ја вршите преку овој оперативен систем, се препорачува да останете на претходната 14.04 верзија која што е дел од LTS верзиите кои добиваат 5 годишна поддршка.
Најновата верзија од оперативниот систем не донесува нешто посебно ново кога се работи за функциите достапни за десктоп корисниците. Се разбира тука се стандардните подобрувања на перформансите, како и на безбедноста. Linux Kernel-от е надграден на 3.16 верзија која што овозможува подобра поддршка за Power8 и ARM 64 архитектурите, поддршка за графичките од NVIDIA и AMD, како и Интеловите Haswell, Broadwell, Merrifield и претстојниот Cherryview чипови.
Надградени се и апликациите кои што стандардно доаѓаат со системот, па така ги добивате најновите верзии за овој месец од Firefox, Thunderbird, LibreOffice, Chromium, Rhythmbox и Unity.
Можеби најголемата новост доаѓа за програмерите со додавањето на Ubuntu Developer Tools Centre. Со оваа алатка може да бидат симнати сите Android SDK алатки и други потребни алатки за развивање на оваа платформа. Нивното инсталирање сега може да се направи директно од центарот. За иднина се планира поддршка за други платформи како Go и Dart.
Ubuntu 14.10 можете да го симнете преку следниот линк или доколку веќе сте корисник на некоја од постарите верзии да го надградите директно преку алатката за надградба. За да можете да инсталирате нова верзија од оперативниот систем треба да изберете For any new version во Updates делот од Software and Updates прилагодувањата.