Од денеска официјално е достапна најновата верзија од познатиот Ubuntu оперативен систем која ја носи бројката 14.04. Canonical, компанијата која го развива Ubuntu, издава нова верзија на секои 6 месеци, односно во Април и во Октомври. Ubuntu 14.04 е на ред за долгорочна поддршка (LTS – Long Term Support), која што е обезбедена за секоја втора верзија. Поддршката за оваа верзија ќе биде овозможена за наредните 5 години, практика која што е воведена од 12.04 LTS верзијата. Верзиите со долгорочна поддршка се обично препорачани за користење од страна на компаниите и за корисниците кои што зависат од стабилноста и поддршката на оперативниот систем.
Иако Ubuntu 14.04 не донесува драстични промени и новини, сепак надградбата не е сведена само на подобрување на перформансите и сигурноста на оперативниот систем. Па така во оваа најнова верзија вклучени се следните новини:
- Менијата на активните апликации се прикажани на нивниот прозор, наместо на горната лента. Оваа функција е по избор на корисникот, односно таа може да биде вклучена и исклучена преку System Settings > Appearance, па потоа со избирање на Behavior табот и означување на саканата локација на менијата во делот Snow the menus for a window
- Подобрена поддршка за монитори со повисока резолуција, односно резолуција од 2.560 x 1.600 до 2.880 x 1.800 пиксели
- Contacts апликација со поддршка за поврзување со онлајн сметки
- Можност за минимизирање на прозорите од апликациите со кликање на нивната икона која се наоѓа на Unity лентата. Оваа функција е овозможена меѓутоа истата може да се активира преку инсталирање на познатата апликација за прилагодување на оперативниот систем CompizConfig, преку Ubuntu Unity Plugin делот и Launcher табот на кој што се означува изборот Minimize Single Windows Applications
- Поголем избор за големината на иконите на Unity лентата, односно од 16 до 64 пиксели, што овозможува поставување на помали икони од досега можното
- Подобрување на ќошевите од прозорите преку anti-aliasing. Исто така тргната е рамката околу нив која што беше со големина од 1 пиксел
- Нова икона за покажување на јазикот на тастатурата на горната лента
- Унифицирање на lockscreen екранот со екранот за најавување
- Нова верзија од Linux kernel
- Предупредување за корисниците на гостинска сесија дека сите направени промени се губат по одјавувањето
- Симултано пребарување од повеќе избори во Dash, како и можноста за исклучување на резултатите од интернет
Ова е листата на главните промени вклучени во Ubuntu 14.04 LTS. Доколку веќе сте корисник на овој оперативен систем надградбата можете да ја инсталирате преку него (System Updater или terminal), а доколку сакате да направите нова инсталација системот можете да го симнете преку следниот линк.