Марк Гурман повеќе пати најавува претставување на нова, четврта генерација од нешто поевтиниот iPhone SE. Најавите досега беа дека претставувањето може да се очекува оваа пролет, односно во март, меѓутоа сега Гурман го најавува за доста порано.
Според неговата најнова објава, Apple ќе ја претстави најновата генерација од iPhone SE оваа недела, а со оглед на претходните точни информации од Гурман, ова може да се смета како доста сигурно дека ќе се случи.
За iPhone SE или iPhone 16e како што тврди една гласина, се очекува дека ќе биде направен да изгледа доста слично со поновите модели. Тоа значи дека SE веќе нема да биде застарен телефон, па ќе има причина зошто одредени корисници би го купиле.
Се очекува дека телефонот ќе изгледа нешто слично со iPhone 14, но на задната страна ќе продолжи да има само една камера, која треба да дојде со 48 мегапиксели. На предната страна ќе биде тргнато старото Touch ID копче и телефонот ќе се отклучува преку Face ID.
Големината на екранот наводно ќе биде 6,1 инч и ќе биде направен со OLED технологија, а тука секако е и USB-C приклучокот кој Apple конечно почна да го користи кај сите свои производи.
Поради Apple Intelligence, се верува дека iPhone SE ќе дојде со 8GB RAM, а исто така овој телефон се очекува да го има првиот 5G чип развиен од Apple.