Последниот iPhone SE беше претставен во март 2022 година, а тоа беше третата генерација од овој поевтин iPhone. Од тогаш повеќе пати се шпекулираше за тоа кога и каков ќе биде наредниот iPhone SE, но Apple не го претстави минатата година, а истото не се случи ни оваа.
Сега неофицијалните информации говорат дека Apple нема да ја напушти оваа верзија од iPhone, па наредната, четврта генерација од iPhone SE може да се очекува при крајот на првиот квартал од идната година. Тоа би бил истиот период кога беше претставен претходниот модел, односно во март, овој пат 2025 година.
Уште една интересна информација доаѓа заедно со оваа, а тоа е дека Apple планира конечно да го претстави модем чипот развиен од нивна страна за кој се пишува со години.
Овој 5G чип треба да биде дел од iPhone SE 4 и треба да го претставува почетокот од тргњето на зависноста од Qualcomm, нешто што Apple одамна се обидуваат да го постигнат.
Покрај ова, за наредниот iPhone SE се очекува дека веќе нема да го користи застарениот дизајн, па тој ќе биде направен во стилот на iPhone 14, ќе има 6,1 инчен екран, USB-C, една камера на задната страна со 48 мегапиксели, 8GB RAM поради Apple Intelligence, како и Face ID сензор наместо старото копче со Touch ID.