На својот денешен настан Apple ја претстави наредната генерација од нивниот iPhone SE. Како што се очекуваше, овој поевтин iPhone доаѓа со постариот дизајн кој се користеше кај телефоните пред повеќе години, а тоа значи и дека го има познатото Home копче на кое е поставен Touch ID сензорот за отпечатоци.

Почетната цена на iPhone SE ќе биде 429 долари, што значи дека е одличен начин за корисниците да влезат во Apple екосистемот, а досега главна пречка за тоа им била цената.

iPhone SE доаѓа со 4,7 инчен екран, со резолуција од 1334 на 750 пиксели и нивна густина од 326 пиксели на инч. Страните се изработени од алуминиум, додека задниот дел од стакло. Доаѓа со IP67 отпорност на вода и прашина, односно овозможува заштита од случајно истурање на течност.

Главната карактеристика која ќе го направи овој телефон вреден за купување е A15 Bionic чипот. Ова е истиот чип кој се користи кај iPhone 13 серијата, што значи корисниците ќе го добијат еден од најбрзите телефони на пазарот, со перформанси од телефоните од највисоката класа.

A15 Bionic чипот има шест јадрен процесор со две јадра за повисоки перформанси и четири за заштеда на енергија.

Со овој чип корисниците покрај тоа што може да очекуваат одлични перформанси, ќе ги добијат функциите кои им се достапни само со чип кој има машинско учење, а исто така тоа ќе значи доста за квалитетот на сликите.

Заедно со постариот дизајн доаѓа и едната камера на задната страна која кај новиот iPhone SE е исто така нова. Има 12 мегапиксели со f/1.8 што значи дека може да се очекуваат одлични слики во темни услови.

Од софтверската страна, iPhone SE ги добива скоро сите функции од iPhone 13 кога е во прашање сликањето, односно доаѓа со Smart HDR 4, Photographic Styles, Deep Fusion, Portrait mode и слично.

Селфи камерата, односно предната камера е со 7 мегапиксели, f/2.2, можност за снимање со HDR и 1080p со 30fps, а има и стабилизација на сликата.  

Со оглед на тоа што од оваа година 5G мрежите се доста повеќе раширени, а ги има и кај нас, важно е што iPhone SE има поддршка за оваа нова генерација за комуникација.

ИЗВОРApple
Претходна статијаHBO Max од денеска е достапен во Македонија
Следна статијаСокот од калинка – рецепт за развој на овоштарството на југот на Македонија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.