Дефинитивно највлијателниот и најпознат уред лансиран во 21-от век е iPhone, паметниот телефон кој користењето го направи интересно и кој донесе еден тон иновации во тогаш прилично неразвиениот смартфон сектор. Сега, 10 години по лансирањето на првиот iPhone, смартфонот на Apple е и натаму најпродаван во светот и за многумина е дефакто идеалниот паметен телефон.
Првиот iPhone имаше толку голем импакт на пазарот поради две причини – Стив Џобс и тоа што се „крчкаше“ и развиваше буквално 8 години. Уште во 1999 година, Apple го купи домејнот iphone.org, со што почнаа и шпекулациите за смартфон од Apple, кои направија вистинска фама за овој уред и редовни прашања дали воопшто ќе биде лансиран.
Но, на што се должи дологодишниот успех на iPhone? Во неговото време, тој беше првиот телефон кој скоро целосно се потпираше на дисплејот на допир, освен големото Home копче. Ова беше и првиот смартфон кој може да се допира со повеќе прсти – во тоа време зумирањето на фотографија со два прсти беше прилично импресивно сите корисници.
Интеракцијата со оперативниот систем исто така беше револуционерна – секој можеше да научи да ракува со iPhone само после неколку минути „чепкање“ – сите апликации беа на почетниот дисплеј. iPhone беше и првиот смартфон со толку голем дисплеј кој го собира во џебот.
Покрај сопствениот успех, иновациите кои iPhone ги донесе во сферата на технологијата беа од огромна важност за корисниците. Благодарение на него, ние сега имаме избор на бесконечно голем број на Android паметни телефони кои исто така имаат големи дисплеи на допир, а iPhone беше заслужен и за популаризирањето на камерата кај паметните телефони.
Многумина ќе забележат дека последниве неколку години на Apple му фали искрата која ја имаше во времето на првиот iPhone, што е дефинитивно донекаде точно. Сепак, iPhone и натаму е најпопуларниот смартфон на планетава и тоа сигурно нема да се смени барем уште неколку години, особено што големите промени и иновации скоро сигурно ќе ги видиме во iPhone 8.
Извор: ZDNet, Cult of Mac, Venture Beat