Возењето на електричен автомобил има многу предности, но има и негативни страни. Една од најголемите, а можеби и најголемата е полнењето на батеријата од возилото. Иако многу компании од автомобилската индустрија, а и некои кои не се дел од неа, како на пример Samsung, најавија производство на батерии во иднина коишто ќе се полнат многу побрзо од денешните. Но сепак што ако и тоа не е доволно. Со најновите технологии можеби и ќе заборавиме на полнењето на нашите електрични автомобили.

Во Израел почна да се тестира електричен пат кој што ја полни батеријата од автомобилот додека тој вози по истиот. Тестирањето започна во Тел Авив и засега се однесува само на јавниот транспорт, односно полнење на автобуси коишто се движат на посебна лента од патот. Electroad е компанијата која што стои зад оваа иновација, иако и други компании како што се Qualcomm и KAIST веќе го тестираат истиот принцип на работа.

Од Electroad велат дека придобивките се огромни. На пример доколку на еден електричен автобус му ја отстраниме огромната батерија во која ја складира електричната енергија, тогаш тој автобус станува многу полесен, а со тоа автоматски е потребно помало количество на енергија за негово придвижување.

Електромагнетна индукција е главниот концепт на кој што се базираат овие патишта. Истиот овој принцип се користи за безжично полнење на смартфоните. Сепак од компанијата велат дека концептот е ист, но технологијата е различна.

Градењето на вакви патишта е брзо и флексибилно. За еден ден може да се изградат од еден до два километри ваков пат. Првото тестирање во Тел Авив беше изведено пред пет месеци, а првите инсталации за приватните патишта се очекуваат некаде наредната година.

Извор: Inhabitat, TreeHugger, HuffingtonPost

Претходна статијаiPhone слави десет години од своето постоење
Следна статијаЗапочна гласањето за ‘NATIONAL PUBLIC CHAMPION’ при Европските бизнис награди 2016/2017