Иако само што беше претставена iPhone 16 серија и има уште доста до наредната, веќе ги читаме гласините за iPhone 17 Pro серијата која ќе биде претставена во септември идната година.
За двата модели од Pro серијата се највуваа две новини поврзани со надворешниот дел, односно дизајнот и материјалите кои се користат.
iPhone 17 Pro серијата наводно ќе добие мал редизајн, па после повеќе години од идната година iPhone изгледа нема да изгледа исто, барем Pro моделите. Според информациите, модулот за камерите ќе биде поголем и ќе го промени форматот. Наместо квадрадната форма која ја има сега, модулот ќе биде правоаголен, односно ќе биде „раширен“ по ширината на уредот.
Исто така, модулот ќе користи комбинација од алуминиум и стакло за материјалот, а остатокот од задниот дел ќе остане стаклен поради можноста за безжично полнење.
Информациите тврдат и дека рамката околу телефоните ќе биде направена од алуминиум, нешто што е чудно со оглед на тоа што Pro моделите дури и пред користењето на титаниум користеа нерѓосувачки челик, а само основните модели доаѓаат со алуминиум.
Има уште доста време до претставувањето на наредната генерација од iPhone, па ќе видиме дали нешто од ова ќе се покаже како точно, а посебно поради фактот што уште има време и до финализирање на одлуките на Apple во кој правец ќе одат.