По грешка, барем според тврдењата од компанијата, OpenAI имаат избришано податоци кои требало да се користат против нив во тужба поднесена од група на медиуми.
Тужбата е поднесена од медиуми на чело со The New York Times, а тврдењето е веќе познато, користење на објавите од медиумите без нивна дозвола за тренирање на вештачката интелигенција, односно големите јазични модели како GPT. Заедно со OpenAI, се споменува и нивниот главен партнер Microsoft.
Според информациите, на тимот од правни експерти им биле потребни повеќе од 150 часа да ги најдат сите потребни податоци со кои требало да докажат дека OpenAI ги има користено нивните објави за тренирање на јазичните модели.
Ова се податоците кои се избришани, а истите би требало повторно да можат да бидат пронајдени, но сето тоа треба да почне од почеток и повторно да повлече трошоци.
Од OpenAI потврдуваат дека податоците се изгубени, но тврдат дека се работи за грешка и дури се имаат обидено да ги вратат назад податоците, но без успех. Тоа што е вратено не е доволно и не можат да се користи како што било планирано.
Повеќе пати е пишувано за правните проблеми кои ќе ги предизвика развојот на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели. Повеќе медиуми, но и „јутјубери“ предупредуваа дека нивната содржина и објави се користат без нивна дозвола, па не е чудо што веќе гледаме судски процеси за тоа.