Новите Galaxy S20 телефони од Samsung, кои треба да почнат да се продаваат од идната недела, добиваат уште една дополнителна причина зошто ќе вреди да се купат. Тие се првите телефони кои ја добиваат официјалната сертификација од USB-IF организацијата за задоволување на стандардите за брзо полнење преку USB.
Двата стандарди кои тие ги задоволуваат се Programmable Power Supply и USB Power Delivery кои ги поставува USB-IF организацијата задолжена за развојот и промоцијата на USB технологијата.
Оваа сертификација значи дека корисниците ќе можат да купат и други полначи за нивниот телефон, не само од Samsung и доколку и тие се сертифицирани, корисниците ќе бидат сигурни дека нивниот уред ќе се полни со брзината за која е способен.
Обично не се препорачува користење на други полначи, кои може и да го оштетат уредот, но најчесто нема да го полнат со голема брзина, па иако корисниците купиле полнач на кој пишува дека е брз, сепак телефонот ќе се полни со основната или нешто поголема брзина.
Во основа, сертификацијата значи дека уредите и полначите ќе можат да комуницираат со цел одредување на потребната струја, капацитет и слично, со цел да се добие тоа што го бара уредот.
Многу полначи кои се сертифицирани уште нема, но со појавата на телефони како Galaxy S20, производителите сигурно ќе почнат да ги сертифицираат своите полначи, а посебно тие кои важат за поквалитетни.