Веќе неколку пати се најавува неофицијално дека Samsung планира да ја прошири поддршката за S Pen и кај Galaxy S серијата, поточно кај Ultra моделот. Дури се одеше до таму да се најави дека оваа година нема да има Note серија, но поновите информации говорат дека ќе има барем уште оваа година, па ќе видиме за идната.

Како еден вид на потврда дека може да се очекува поддршката на S Pen кај Galaxy S серијата дојде и од објавата од директорот на мобилните комуникации на Samsung, каде тој истакнува дека „исто така, некои омилени аспекти од Galaxy Note серијата ќе бидат додадени на некои други уреди од Galaxy портфолиото, што особено ќе ги воодушеви корисниците“.

Ова секако не е директна потврда за S Pen, има повеќе аспекти на кои тој може да мисли, но со оглед на неофицијални информации, повеќе оваа изјава ја сметаат како еден вид на потврда.

Документ од американската агенција FCC може да се смета веќе како официјална потврда. Во документ од тест на уред, ставена е и поддршка за пенкалце, S Pen, со што шансите да Galaxy S21 Ultra не дојде со поддршка за ова пенкалце веќе се мали.

Инаку, според информациите, Galaxy S21 Ultra, за разлика од Galaxy Note уредите, нема да дојде со пенкалцето во уредот, па корисниците кои се заинтересирани ќе треба посебно да го купат. Тие ќе може да го чуваат во посебна футрола наменета за овој уред со пенкалце, барем според досегашните неофицијални информации.

Ова дефинитивно може да се гледа како почеток на префрлување на функциите на Note серијата кај S серијата, со што дали од идната година или нешто подоцна, Samsung веќе нема да има потреба од Note. Според информациите, вниманието ќе биде пренасочено кон Galaxy Z Fold, односно уреди со екран кој се превиткува, со што повторно ќе се таргетира истата група на корисници кои беа најголемите фанови на Note серијата.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаШто се фишинг-напади и како да се заштитите?
Следна статијаKFC претстави играчка конзола со посебен дел за загревање на пилешките крилца
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.