За некого изненадување, додека за некого целосно очекувана работа беше откритието од страна на Брајан Кребс од KrebsOnSecurity дека Apple продолжува да ја следи локацијата на iPhone 11 уредите, дури и откако сите сервиси посебно се исклучени од можноста за следење на истата.

Од Apple тогаш само кратко одговорија дека следењето на локацијата продолжува поради тоа што има одредени сервиси кои не можат да се исклучат, односно не се во листата на сервиси кои имаат пристап до локацијата на уредот.

Ова секако звучеше точно како што и сите помислија, односно дека и Apple „тајно“ ја следи локацијата на своите корисници и ако тие сакаат да го прекинат тоа, ќе мора да ја исклучат локацијата целосно за сите други сервиси и апликации, што не е воопшто практично.

Сепак, од компанијата по критиките излегоа со подетален одговор и објаснување зошто локацијата на iPhone 11 е следена, односно со која цел.

iPhone 11 има чип којшто овозможува ултра широкопојасна радио комуникација која овозможува подобро одредување на уредот со кој се сака да се сподели нешто преку AirDrop функцијата на iPhone уредите. Ова е одлична статија која ја објаснува оваа можност на iPhone 11.

Од Apple истакнуваат дека оваа функција не е дозволено да се користи секаде, па тие ја следат локацијата за да знаат кога истата да биде исклучена. Клучното во сето ова е дека тие истакнуваат дека следењето на локацијата се прави исклучиво локално на самиот уред, па информацијата за истата не се испраќа на серверите од компанијата.

Тоа значи дека Apple во основа не ја следи локацијата на iPhone 11, а сигурно не откако ќе бидат исклучени дозволите за пристап до истата.

Apple дава посебно значење на приватноста на своите корисници, а тоа е и во преден план на нивните најнови кампањи за iPhone.

Од компанијата најавија дека во иднина ќе овозможат исклучување на ултра широкопојасната функција на AirDrop со што корисниците и самите ќе можат да изберат дали сакаат да ја користат.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Gizmodo
Претходна статијаОфицијално заврши поддршката за Windows 10 Mobile
Следна статијаGoogle Chrome 79 овозможува споделување на копираниот текст помеѓу повеќе уреди
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.