Apple се’ уште нема коментирано во правец на влегување на пазарот на уреди со екрани кои се превиткуваат. Овој пазар, иако постои веќе неколку години, може да се каже дека е во своите почетоци и уште не може да се каже дека корисниците масовно купуваат вакви уреди.
Моментално главниот играч на овој пазар е Samsung, иако во последните неколку месеци излегоа доста добри уреди од конкурентите.
При крајот на минатата година излегоа информации дека Apple планира да влезе на овој пазар, но тоа ќе го направи дури во 2023 или 2024 година. Ова воопшто не изненадува кога ќе се земе во предвид начинот на функционирање на Apple, кои чекаат подолго време во споредба со Android конкурентите, пред да претстават некоја новина. Со други зборови, Apple не претставуваат нешто додека не се сигурни дека е доволно усовршено.
Сега според нови информации, кои доаѓаат од Рос Јанг кој многу често се има покажано како добар извор, Apple дополнително го одложува претставувањето на iPhone кој се преклопува, па ваков уред би можеле да видиме најрано во 2025.
Причините за ова се јасни, а можеме да ги видиме кај веќе претставените уреди кои иако се одлични и претставуваат почеток на една мала револуција, сепак уште имаат проблеми со екранот, големината, функционалноста и слично.
Според Јанг, Apple планира да претстави и лаптоп со екран кој се превиткува. Овој уред би требало да може да се користи како монитор, кога е отворен или како лаптоп кога е превиткан.
Ваков уред се најавува за подоцна од iPhone моделот, па според Јанг, тоа би било некаде во 2026 или 2027 година.