Android оперативниот систем на Google е убедливо најкористен во светот и најголем дел од корисниците не ни знаат какви опасности има во софтвер кој го користат толку голем број на луѓе, бидејќи тој е најчесто на мета на напади. Сепак, сега од Quartz излезе информација дека и самиот Google ја нарушува приватноста на корисниците на нивните сервиси, дури и ако тие не го сакаат тоа.

Поточно, дури и ако го исклучите GPS сензорот на вашиот смартфон (Location Services) и ја извадите SIM картичката, Google повторно ќе ја вчита вашата локација кога ќе се приклучите на интернет, како на пример на некоја Wi-Fi јавна мрежа. Потоа, Android ги праќа истите информации до Google, со цел „подобрување“ на искуството на корисникот, што во превод значи прикажување на информации (читај реклами или локации) кои се поблиски до неговите интереси.

Самиот оперативен систем ја прибира локацијата преку мерење на оддалеченоста од три мобилни предаватели и сите информации за тоа каде е корисникот ги собира пред да ги прати во Google кога ќе се поврзете на интернет. Ова значи дека Google знае во секое време каде сте, дури и ако вие не го сакате тоа, односно ги исклучите сите сервиси кои би можеле да ја следат вашата локација.

Пред сето ова Google сепак е правно чист, бидејќи тие во “Google Terms & Services” имаат напишано дека ќе ја следат локацијата на телефонот преку GPS, IP адреса, други уреди во близина на смартфонот, Wi-Fi итн. Ова значи дека за да бидете целосно безбедни, односно вашата локација да не ја добива Google е воопшто да не поседувате Android телефон, барем до крајот на овој месец, кога Google вети дека ќе направи промени во оваа политика и наводно веќе нема да ги следи своите корисници доколку тие не го сакаат тоа.

Извор: Quartz, The Hacker News, BGR

Претходна статијаLockheed Martin лансира егзоскелетон кој ќе помага на војниците да носат многу потежок товар
Следна статијаUber набавува 24.000 автономни Volvo XC90 автомобили