Alcatel и годинава на IFA во Берлин претстави нови Android смартфони, овој пат четири на број. Како и досега, се работи за телефони кои нудат солидни спецификации и пониска цена од таа на етаблираните конкуренти, како и привлечен дизајн и квалитетна изработка. Сепак, во поглед на самите спецификации, не очекувајте ништо особено возбудливо.

Од четирите нови претставени смартфони, Idol 5 и Idol 5S се наследници на успешната “Idol” серија, кои имаат дисплеј со големина од 5,2 инчи и Full HD резолуција. Двата модели имаат сличен надворешен дизајн, но неколку различни спецификации. Имено, кај Idol 5S процесорот има осум јадра (MediaTek MT6753), додека оној кај Idol 5 има четири јадра (MediaTek Helio P20). Idol 5S има и повеќе вграден простор – 32 наспроти 16 GB, но и двата имаат иста количина на рам меморија – 3 GB.

Во поглед на камерите, Idol 5S има задна со 12 мегапиксели, додека Idol 5 има 13 мегапиксели, но тоа не мора ништо да значи и очекувам таа во 5Ѕ да е подобра. Idol 5 инаку има батерија со капацитет од 2.800 mAh, додека Idol 5S има маргинално поголема батерија со капацитет од 2.850 mAh. Подобриот модел Idol 5S има и стерео звучници напред, кои особено многу помагаат при играње игри и гледање видеа односно филмови.

Другите два телефони кои ги претстави Alcatel се А7 и A7 XL. Како и двата Idol телефони и овие се слични, но имаат неколку разлики. Прво, XL моделот нормално има поголем дисплеј – 6 наспроти 5,5 инчи, како и малку помоќен MediaTek процесор со осум јадра (MT6750S наспроти MT6750T). И двата модели имаат 3 GB рам меморија, 32 GB простор и слот за micro SD картичка, како и читач за отпечатоци.

Поголемиот модел A7 XL сепак има подобра двојна камера, комбинација на сензор со 12 и 2 мегапиксели назад, додека помалиот А7 има единечна камера со 16 мегапиксели. А7 пак има подобра предна камера – 8 наспроти 5 мегапиксели.

Цените на сите нови Alcatel модели ќе бидат прилично конкурентни – Idol 5S ќе чини 400 евра, Idol 5 ќе чини 240 евра, А7 XL 280 евра, додека А7 само 230 евра. Сите модели ќе бидат опремени со Android Nougat оперативен систем.

Извор: Phone Dog, The Verge, NDTV

Претходна статијаFacebook до детали ја мапираше популацијата на 23 држави
Следна статијаПротекоа спецификации за Snapdragon 670, ќе биде моќен чип од средно-високата класа