Google најави дека нивните YouTube Premium и YouTube Music сервиси сега имаат повеќе од 100 милиони корисници. Оваа бројка е вкупна за двете претплати, а од компанијата истакнуваат дека во неа влегуваат и корисниците кои моментално се на бесплатниот тест период.
Можноста за претплата на YouTube беше претставена во 2015 година, а со истата корисниците добија можност да продолжат да го слушаат видеото и кога ќе го заклучат нивниот уред, ја добија и можноста да ги симнуваат видеата, а секако тука беше и најважната од сите придобивки, тргањето на рекламите.
Тогаш беше претставен и YouTube Music сервисот како посебна апликација, а покрај тоа што корисниците можат посебно да се претплатат, пристап до истиот следува и со Premium претплатата.
Google изминатите години Premium претплатата ја направи привлечна и повеќе од само поради тргањето на рекламите. Корисниците добиваат повеќе функции на сервисот, а и пристап до тест функциите пред да бидат пуштени за сите корисници.
Сепак, останува јасно дека една од главните причини за претплата е сепак можноста за гледање без реклами, а посебно што тие се почесто се прикажуваат. Корисник кој бил претплатен на Premium одреден период, скоро не е можно да се врати и да ги гледа видеата со сите тие реклами кои ги прекинуваат видеата или се поставени околу нив.
Како и да е, оваа бројка може да се очекува дека ќе продолжи да расте, а истата донесува доста голема вредност за корисниците кои бараат и стриминг сервис за музика.