Домашниот стриминг сервис Pickbox NOW ги здружи силите со европските стриминг сервиси и го започна проектот Streaming Europe (Стриминг Европа). Партнери во проектот се францускиот LMC, белгискиот и луксембуршкиот UniversCine и германскиот Sooner, а со заеднички сили ќе ги носат најдобрите европски филмови во своите земји. Се работи за 24 европски филмови, досега прикажани само на фестивалите, а во текот на проектот ќе бидат прикажани во вкупно 14 европски земји.

Првиот филм што доаѓа е литванскиот Runner (Во бегство), кој на Pickbox NOW ќе биде достапен од 24 октомври.

Runner (Во бегство) литвански филм за една различна љубов

Од режисерот Андриус Блажевичиус, ни доаѓа прекрасниот литвански филм за една различна љубов. Во фокусот на приказната е Марија Жигиманте (Елена Јакштаите), тркачка, чие момче Витас (Мариус Репшис) навидум исчезнал откако доживеал нервен слом. Таа излегува на улиците на Вилнус, трчајќи од место до место обидувајќи се да го пронајде, а притоа се користи и со социјалните мрежи и пријателите. Станува сè повеќе избезумена грижејќи се што би можел самиот да си направи. Марија мора да се соочи со границите на својата љубов кон Витас и колку мора да се жртвува за него.

Витас и Марија навидум се далеку од дефиницијата на “среќен пар“, а двајцата очигледно се соочуваат со многу проблеми. Дали опсесивната потера на Марија, и покрај нејзините добри намери, ќе им наштети ним како пар? Во кој момент љубовта станува штетна? Иако овие тези се филтрирани од искуствата на протагонистите, јасно е дека Блажевичиус ги применува на општеството како целост.

Посебен, магичен и емпатичен филм

Потрагата по љубов добива буквално – и многу физичко – значење во текот на 24 часа во оваа динамична, но длабоко магична и емпатична драма.

Она што овој филм го прави посебен сигурно е младата актерка Јакштаите во главната улога. Таа е жилава и цврста, и не се плаши да му додаде нијанса на несимпатичност на својот лик. Таа е и ранлива, а во неа постои постојана нервозна енергија, но успева доволно да ја скроти за никогаш да не стане претерана или упадлива.

Филмот се занимава со многу прашања, вклучувајќи го и менталното здравје како и сеприсутноста на социјалните медиуми, а со самото тоа станува опојна мешавина на мисли, идеи и филозофски размислувања.

Ексклузивната премиера на литванскиот филм Runner (Во бегство) гледајте ја само на Pickbox NOW од 24 октомври.

Претходна статијаMotorola прикажа концепт на смартфон со екран кој се намотува
Следна статијаСкопската Зоолошка градина доби нова Халки училница на отворено