Почнувајќи од 1-ви јуни 2021, Google ќе ја исклучи една од подобрите функции кај нивната Photos апликација. Се работи за можноста да се прикачуваат сликите во таканаречен висок квалитет, наместо во нивната оригинална форма и со тоа да се добие неограничен простор за нив во „облакот“ од компанијата.

Кога оваа промена ќе стапи на сила, сите слики кои се прикачуваат во висок квалитет ќе почнат да се бројат кон вкупниот простор од 15 гигабајти кој им следува бесплатно на сите корисници со Google сметка.

Овие 15 гигабајти се користат за зачувување на податоци од Google Photos, Gmail и Google Drive. Сликите кои се веќе прикачени до 1-ви јуни, нема да се бројат како дел од 15-те гигабајти, односно броењето кон тој простор започнува само за сликите прикачени по најавениот рок.

Зачувувањето на сликите во нивниот оригинален формат останува исто, односно и досега ваквото зачувување во облакот се броеше кон 15-те гигабајти.

Кога сликите се зачувуваат во висок квалитет, Google користи посебен алгоритам кој врши компресија на сликите со цел значително да се намали нивната големина како датотека, но без да може да се забележи промена во квалитетот, барем не од обичните корисници.

Се препорачува и по престанокот на достапноста на неограничениот простор, корисниците да продолжат да ги прикачуваат сликите во висок, наместо оригинален квалитет, а од Google истакнуваат дека 15-те гигабајти кои им се достапни се доволни за зачувување на слики во наредните 3 години. Ова се разбира е точно доколку голем дел од просторот веќе не го користите за Google Drive.

Оваа промена нема да важи за корисниците на некој од Pixel телефоните од Google, па ете сега тие корисници имаат уште една предност што користат Google телефон.

Доколку 15 гигабајти не се доволни за одредени корисници, тие секогаш можат да платат за повеќе простор кај Google или да изберат некој од другите сервиси, а сите нудат можност и за автоматско прикачување на сликите од мобилниот во облакот.

Од Google истакнуваат дека дури 4 трилиони слики се прикачени преку Photos, а секоја недела се прикачуваат 28 милијарди нови слики. Ова сигурно е причината поради која од компанијата се одлучија да не нудат веќе бесплатен простор, сепак се работи за многу слики, а и шанса за префрлување на дел од тие корисници во платени корисници на простор во облакот.

Новата Google Photos апликација која почна да ја нуди можноста за зачувување на сликите во облакот беше претставена во 2015. Ова е доста време за да доволно се „преполнат“ серверите на компанијата.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2PhoneDog
Претходна статијаДали може пулс оксиметар да открие КОВИД-19?
Следна статијаReuters најавува продажба на Honor делот од страна на Huawei за 15 милијарди долари
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.